Сабина Ајрула-Тозија, една од најзначајните и најпопуларните македонски актери, почина денеска на 75 години, по тешко боледување. Во кариерата долга над половина век, Ајрула одигра над 70 значајни улоги на сцената на нејзиниот матичен Драмски театар, но и во скоро сите театри низ земјава, од Македонскиот народен театар, Турскиот театар, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, Народниот театар од Куманово, Театарот за деца и младинци – Скопје до независни поставки. Остави силен печат на македонската театарска сцена преку улогите во претставите „Болва в уво“ од Жорж Фејдо, Гертруда во „Хамлет“ од Шекспир, во „Дамите од Аламо“ од Пол Зиндел, Хекуба во „Орест“ од Еврипид и многу други.
Повозрасната македонска публика ја памети во улогата на Фатиме во „Солунски патрдии“, телевизиска серија на Миле Попоски во режија на Коле Ангеловски снимена во 1985 . Но и помладите генерации ја запознаа актерската игра на Ајрула-Тозија преку телевизиската серија „Зоки Поки“, снимена по истоимената книга на писателката Оливера Николова. Во оваа серија, која почна со снимање во 2019, Ајрула Тозија преку ликот на баба Оле успеа да им се приближи и на младите генерации гледачи.
„Покрај животот поминат пред камерите и на театарските сцени, далеку од нив Сабина водеше исполнет живот меѓу семејството и бројните пријатели. За сите нас, за оние кои ја знаат преку камерите или театарот, и за нас кои ја знаеме лично, длабоко ќе ни недостига. Вечна и слава, нека ѝ е светол патот“, соопшти семејството.
„Родена глумица со раскошен повеќедецениски репертоар на сцената и на филмот. Од Фатиме до Вера, до грандиозните турски продукции. Сабина, дама и пријател. Ретка ѕвезда на нашите простори“, напиша вечерва на Фејсбук министерката за култура Ирена Стефоска по веста за смртта на големата актерка.
Ајрула-Тозија глумеше и во многу македонски филмови снимени од крајот на 1960- те години до неодамна. Меѓу првите филмови во кои глумеше е „Време без војна“ во 1969. Во нејзиниот актерски опус се запишани и филмовите „Жед“, „Јад“, „Исправи се Делфина“ „Оловна бригада“,„Време, води“, „Црвениот коњ“, „Јужна патека“, „Полноќно сонце“, „Јазол“, „Тетовирање“, „Ангели на отпад“, „Контакт“,„Сенки“, како и ТВ-сериите „Илинден“, „На наш начин“, „Солунски патрдии“, „Трето доба“, „Салон Хармони“.
Последните години Ајрула Тозија беше ангажирана во турската филмска индустрија. По улогата на Афифе Хатун во популарната турска серија „Величествениот“, таа играше и други улоги на тамошната сцена. Меѓу последните беше ТВ серијата „Ескија“ каде го играше ликот на Хајрије Чакирбејли.
Во 1996 ја доби наградата „Климент Охридски“ за повеќегодишна творечка работа, а во 2015 нaгрaдaта зa живoтнo делo на фестивалот „Вoјдaн Чернoдрински”.
Сабина е мајка на режисерот Вардан Тозија и сопруга на режисерот и амбасадор Љупчо Тозија, кој почина во 2018.