Невакцинирана велешанка, на 30-годишна возраст вчеравечер е примена во Ковид-центарот во Велес, откако била позитивна на коронавирусот. Пациентката била во стабилна состојба и ова е по вторпат да биде позитивна во период од четири месеци.
„Лицето не е вакцинирано, асимптоматско е, во домашни услови ја прележала ковид заразата во средината на април месец . Згрижена е на Инфективно одделение во стабилна состојба. За четири дена ќе биде тестирана и ако покаже негативен резултат, ќе биде пуштена дома“, кажа д-р Елеонора Јованова, портпаролка на Велешка болница.
На ова одделение до пладне се згрижени шест пациенти од Велес кои имаат здравствени проблеми, сите позитивни на ковид-19, двајца од нив се на кислородна поддршка. Во Велешко има 29 активни болни со коронавирус.
Откако Владата најави дека на одредени настани ќе може да присуствуваат само лица кои примиле најмалку една доза вакцина, се зголеми интересот за вакцинација во Здравствениот дом во Велес. За четири дена неделава аплицирани се 2.300 вакцини, прва и втора доза, за заштита од ковид заразата. Масовно и во голем број доаѓаат и од селата каде претходно немаше интерес за вакцинација, како што се Долно и Горно Јаболчиште каде живее албанско население, кога при теренската вакцинација минтиот месец од пет илјади жители само пет лица се вакцинирале.
П. ПЕЧКОВ