Илјадници бегалци се засолнуваат во Кабул, главниот град на Авганистан, додека талибанците заземаат град по град. Исламските милитанти сега се на 80 км од Кабул, а има извештаи дека САД ги бомбардираат талибанските позиции на влезот во провинцијата Кабул. Според последните американски разузнавачки податоци, талибанците може да напредуваат кон градот во период од 30 дена.
Талибанците сега контролираат половина од регионалните главни градови во Авганистан, заземајќи и некои од најзначајните центри, меѓу кои и вториот најголем град Кандахар.
Авганистанскиот претседател Ашраф Гани во кусото јавно обраќање рече дека безбедносните сили на државата се ремобилизираат за одбрана, со што ги отфрли шпекулациите дека ќе поднесе оставка.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече дека состојбата во Авганистан е вон контрола и дека цивилите ќе ја платат највисоката цена ако продолжи конфликтот.
Последниот пат кога талибанците го зазедоа Кабул беше во 1996, по 4-годишната граѓанска војна во земјата. Меѓу првите нешта што ги направија беше ликвидацијата на поранешниот претседател Могамад Наџибулах.
Под талибанската власт на жените им беше забрането да работат, а на девојчињата да одат во школо. Жените мораа да си го покријат лицето и да бидат придружувани од машки роднина надвор од домот. Исто така, беа воведени и казни како каменување до смрт и ампутации.