Талибанците ги повикаа жените да влезат во новата авганистанска влада, сакајќи да му покажат на населението дека се промениле, откако илјадници жители на Кабул се обидоа да избегаат од земјата во страв од враќањето на нивното брутално и репресивно владеење. Откако ја освоија целата земја за десетина дена, талибанците се обидуваат да се претстават себеси како поумерени, наспроти сликата за нив од 1990-ите.
Авганистанците сè уште се сеќаваат на ултраконзервативните исламистички сфаќања на талибанците, што вклучуваше и сериозни ограничувања на правата на жените и казни во вид на каменување, ампутации и јавни егзекуции.
„Исламскиот Емират не сака жените да бидат жртви. Тие треба да бидат во владините структури согласно шеријатското право“, изјави Енамула Самангани од талибанската комисија за култура, употребувајќи го името за Авганистан што го користат милитантите.
Тој додаде дека сите страни треба да се придружат на владата.
Ветувањето за амнестија на досегашните владини функционери е еден од првите показатели како талибанците планираат да владеат на национално ниво. Засега не е познато што се подразбира под амнестија, но некои талибански лидери кажаа дека нема да има одмазда кон оние кои работеле за владата или странски земји.