СЀ ПОВЕЌЕ ПРИМАМЕ ПАЦИЕНТИ СО СРЕДНА ВОЗРАСТ, ЗА РАЗЛИКА ОД ПРЕТХОДНО КОГА БЕА ПОВОЗРАСНИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА

    СЀ ПОВЕЌЕ ПРИМАМЕ ПАЦИЕНТИ СО СРЕДНА ВОЗРАСТ, ЗА РАЗЛИКА ОД ПРЕТХОДНО КОГА БЕА ПОВОЗРАСНИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКАВкупно во Инфективната клиника и во монтажната болница има 101 пациент. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Полни се капацитетите на Клиниката за инфективни болести, од синоќа почнува да се полни капацитетот на модуларната болница, кажа денеска директорката д-р Милена Стевановиќ. Вкупно има 101 пациент, вчера се примени 19 пациенти кои имале тешка или средно-тешка клиничка слика.

    „Се зголемува динамиката со амбулантските прегледи, вчера беа повеќе од 20 луѓе прегледани, од нив петорица се во почетна фаза на вакцинирање. Не можам конкретно да кажам дали доминира делта сојот на ковид-19, тоа го испитуваат колегите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и од МАНУ. Нема разлика во лекувањето, без разлика на соевите. На Клиниката секако не се примаат пациенти кои не се за болничко лекување. Клиничката слика е посериозна од претходно и побрзо се развива кај одреден број пациенти. Сега се примаат повеќе пациенти со средна возраст, за разлика од порано кога доминираше понапредната возраст“, изјави д-р Стевановиќ.

    Директорката денеска, исто како и вчера Министерството за здравство, кажа дека од хоспитализираните пациенти околу 10 отсто се вакцинирани со две дози вакцини и тие се со полесна клиничка слика.

    Министерот за здравство Венко Филипче претпладнево кажа дека од вчера во функција е Инфективното одделение во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, каде има слободни кревети, но обезбедуваат дополнителен простор во делот на интензивната нега.

    „Имаме и други капацитети кои се подготвени, тоа е болницата за рехаблитација во Козле. Притисокот во болницата во Тетово, според разговорот кој го имав синоќа со директорот, беше нешто спласнат. Останува оној голем број прегледи во текот на денот во сите институции во болниците каде има притисок“, рече Филипче.

    Во земјава во моментов има 6.734 активни болни од ковид-19.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира