Управниот суд го поништи изборот на Васил Бубев за директор на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица откако двете кандидатки за оваа функција Јасмина Пијанманова и Оливера Аризанова Монсбарт поднесоа тужба против Министерството за култура за повреда на постапката и за незаконски избор на директор на оваа институција. Со донесената пресуда, судот му предлага на Министерството за култура повторно разгледување и одлучување по предметот и да го примени материјалното право, односно на сите кандидати да им овозможи еднакви услови во постапката за избор на директор, а не фаворизирање на еден.
Управниот суд, како што е наведено во пресудата, заклучил дека Комисијата за селекција на кандидатите при Министерството за култура писмено побарала од избраниот кандидат во текот на постапката да ја докомплетира документацијата согласно распишаниот оглас. Комисијата не го направила тоа и за останатите две кандидатки Пијанманова и Аризанова Монсбарт, кои ги одбила поради недоставени документи за активно познавање англиски јазик, немање доказ дека биле познати како културни работници или пак дека имаат пет години работен стаж во културата или искуство со културни проекти.
„При такви околности, Судот смета дека тужениот орган ги повредил правилата на постапката и ја спровел незаконито, односно под нееднакви услови за сите кандидати-учесници во постапката за избор на директор на НУЦК ‘Антон Панов‘ во Струмица. Во повторената постапка, органот ќе треба на сите кандидати да им овозможи еднакви услови“, стои во пресудата.
Од Министерството за култура кусо информираа дека ќе ја почитуваат одлуката на судот.
„Министерството за култура ќе постапи во законски определениот рок и согласно насоките и упатствата наведени во самата пресуда“, стои во одговорот на Министерството, без да прецизира кога планира да се повтори постапката за избор.
Во изминатите седум месеци, актерите од Струмичкиот театар одржаа бројни протести во Струмица и Скопје, незадоволни од изборот на Васил Бубев за директор на „Антон Панов“. Покренаа и петиција за департизација на културните институции, што ја потпишаа над 100 уметници и културни здруженија.
В. ТРАЈКОВ