ВЛАСТА ГИ ВРАЌА СПОРНИТЕ БОНУСИ ВО ДИК ПОРАДИ КОИ СЕ РАСПУШТИ ЦЕЛА КОМИСИЈА ОТКАКО ГИ ИСКАРА АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА

    ВЛАСТА ГИ ВРАЌА СПОРНИТЕ БОНУСИ ВО ДИК ПОРАДИ КОИ СЕ РАСПУШТИ ЦЕЛА КОМИСИЈА ОТКАКО ГИ ИСКАРА АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДАПретседателот Александар Чичаковски и членовите на ДИК кои во декември 2017 поднесоа оставки откако си поделија бонуси. (Фото: СДК.МК)

    Новиот Изборен законик, кој ќе се носи по локалните избори откако власта не успеа во својата намера да ги смени правилата на игра среде изборен процес, ги враќа во живот спорните бонуси за членовите и службите во Државната изборна комисија, поради кои во 2017 година си поднесе оставка комплетниот состав на ова тело.

    Во декември 2017 година, тогашниот американски амбасадор Џес Бејли откри дека членовите на ДИК си поделиле бонуси од по една плата за секој месец од изборниот процес, по што тие под притисок на јавноста поднесоа оставки и ветија дека ќе ги вратат парите.

    Сега, два состава на ДИК подоцна, власта смета дека сепак е потребно членовите да добијат бонуси за нешто што и онака им е работа и веќе земаат високи плати и за таа цел го прецизира законското решение.

    Постоечката одредба од Изборниот законик предвидува членовите на ДИК сами да си ги одредуваат бонуси, како што направија членовите во 2017 година, предводени од претседателот на комисијата Александар Чичаковски, а со предложените измени надоместокот ќе биде фиксен и ќе изнесува 50 отсто од платата.

    Разликата е што тогаш членовите на ДИК сами се почестија со по 4 дополнителни плати, а сега власта сака да ги почести со по бонус две плати за секои избори или евентуални референдуми.

    „Во членот 19 по ставот (2) се додава нов став (3) кој гласи: ‘(3) Надоместокот од ставот (2) на овој член за претседателот, потпретседателот и членовите на Државната изборна комисија и вработените во стручната служба на Државната изборна комисија изнесува 50% од висината на поединечните плати за секој месец од изборниот процес.’“, гласи предложената измена на Изборниот законик.

    Спорно во предложениот Изборен законик беше и зголемувањето на бројот на потписи кои треба да ги соберат независните кандидати, поради што и беше одложено неговото усвојување во Собранието.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира