ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЧИЧАКОВСКИ И ЧЛЕНОВИТЕ ДУМА И МИЛЕВ ОД СДСМ ПОДНЕСОА ОСТАВКИ ОД ДИК

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЧИЧАКОВСКИ И ЧЛЕНОВИТЕ ДУМА И МИЛЕВ ОД СДСМ ПОДНЕСОА ОСТАВКИ ОД ДИКПретседателот Чичаковски за државна агенција МИА изјави дека поднел барање за престанок на функцијата претседател на Комисија и дека оставката е негов личен чин.(Фото:М.Златевска)

    Претседателот на Државната изборна комисија Александар Чичаковски и членовите на ДИК од СДСМ Виолета Дума и Игор Милев поднесоа оставки, објави државната агенција МИА.

    Претседателот Чичаковски за агенцијата изјави дека поднел барање за престанок на функцијата претседател на Комисија и дека оставката е негов личен чин.

    Оставките на членовите на ДИК, следуваат откако на 4 декември американскиот амбасадор Џес Бејли, откри дека членови на ДИК си изгласале дополнителна плата за четири дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските избори кои штотуку завршија, а претходно дополнителено добиле плата и за пет месеци по изборите од 2016 година.

    По притисокот од јавноста, ДИК потоа одржа јавна седница 5 декември на која членовите најавија дека ќе ги донираат бонусите во хуманитарни цели.

    „Ќе ги вратам парите, не затоа што не сум ги заслужила, оти од 24 часа на ден работев 20 часа. Ќе ги вратам парите на кој било начин, ќе ги донирам или ќе ги вратам во буџетот и им го пожелувам истото на оние што нам ни го посакаа, тие да ги добијат овие пари оти можеби ќе им затребаат. Никој не праша дали одлуката за надоместоците е законита. Таа е донесена врз основа на член 19 став еден и два”, рече на јавната седница членот на ДИК од СДСМ Виолета Дума.

    Сашо Срцев, член на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, на седницата рече дека е изненаден од посочувањето со прст на комисијата како за школски пример на корупција.

    „На нас останува дали ќе се избориме оваа одлука ќе остане или ќе ја промениме. Спремен сум да дадам оставка ако се утврди дека сум постапил спротивно на закон, а се надевам дека медиумите и јавноста на ист начин ќе ја следат работата и на другите државни органи. На моето семејство не му требаат пари за свеќи и за пченица и ќе ги вратам овие пари” рече тогаш Срцев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира