РАСТЕ СВЕСТА КАЈ ГРАЃАНИТЕ, НЕМА ПОБЛАГОРОДЕН ЧИН ОД ОРГАНОДАРИТЕЛСТВОТО, ВЕЛИ ТИМОТ ЗА ПЕТТАТА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА СРЦЕ

    РАСТЕ СВЕСТА КАЈ ГРАЃАНИТЕ, НЕМА ПОБЛАГОРОДЕН ЧИН ОД ОРГАНОДАРИТЕЛСТВОТО, ВЕЛИ ТИМОТ ЗА ПЕТТАТА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА СРЦЕСрцето од пациентката е трансплантирано кај 66-годишен пациент, кој немал друга алтернатива и срцето му работело со помалку од 20 отсто. (Фото: Фејсбук профил на Венко Филипче)

    Се подига свеста кај граѓаните за органодарителството, видовме дека фамилиите знаат за што зборуваме кога им кажуваме за мозочна смрт, рекоа денеска министерот за здравство Венко Филипче, националната координаторка за трансплантација Маја Мојсова-Мијовска и директорот на Клиниката за кардиохирургија д-р Сашко Јовев.

    Утрово беше извршена експлантација на срцето и бубрезите на 42-годишна пациентка, која имала спонтано крварење во мозокот, и како што рече Филипче, сопругот и братот ја испочитуваа нејзината волја која ја искажала уште за време на животот, ако нешто ѝ се случи, нејзините органи да бидат донирани.

    Срцето од пациентката е трансплантирано кај 66-годишен пациент, кој немал друга алтернатива и срцето му работело со помалку од 20 отсто. Тој е сега на респираторна машина, фаза која е критична, вели Филипче и од утре почнува процесот на будење.

    Завршени се и трансплантациите на бубрезите кај двајца 40-годишни пациенти, и со тоа, вели министерот, значајно им се подобрува квалитетот на живот.

    „Поблагороден чин немаме видено. Кога на фамилите им кажуваме дека се работи за мозочна смрт, тие знаат дека кога е сѐ направено дека останува дел од нивмиот близок да живее во друго тело“, рече д-р Мојсова-Мијовска, а д-р Јовев им се заблагодари на медиумите, за како што кажа, „суштинското следење на овие процеси и известувања од срце“.

    Почнувајќи од мај 2020 до сега извршени се експлантации од 7 починати донори, а трансплантирани се 5 срца, 12 бубрега, 1 коскено ткиво.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира