Калифорнискиот Одбор за помилување изгласа ослободување затвор за убиецот на демократскиот претседателски кандидат од 1968 година Роберт Ф. Кенеди (РФК). Сирхан Сирхан отслужи 53 години затвор за убиството на фаворитот на изборите по неговиот говор во хотел во Лос Анџелес, кој веројатно го смени текот на историјата.
Гласањето, со кое се утврдува дека тој не е јавна закана, не мора да гарантира дека ќе биде ослободен. Одлуката за тоа сега треба да ја донесе калифорнискиот гувернер Гевин Њусом, член на Демократската партија, кој е во изборна кампања.
„Помина повеќе од половина век. Тоа младо импулсивно дете што бев веќе не постои. Сенаторот Кенеди беше надежта на светот, а јас ја повредив и им наштетив на сите нив и ме боли сознанието за таквото ужасно дело“, им рекол Сирхан на комесарите за помилување, според Асошиетед прес, единствената новинска агенција на која ѝ беше дозволено да присуствува на неговото сослушување за условно ослободување.
Канцеларијата на локалниот окружен обвинител во Лос Анџелес изјави дека нема да се спротивстави на ослободувањето на Сирхан.
Сега на 77 години, убиецот со палестинско потекло бараше помилување по 16-ти пат. Тој рече дека по апсењето го извршил нападот поради поддршката на тогашниот сенатор Кенеди за американска помош за Израел. Подоцна рече дека не се сеќава на нападот.
Одлуката на одборот беше донесена откако две деца на Кенеди апелираа до Советот за условно ослободување да го ослободат убиецот на нивниот татко.
„Навистина верувам дека секој затвореник за кој се смета дека не е закана за себе или за светот, треба да биде ослободен“, рече Даглас Кенеди, пренесе Асошиетед прес.