Европската комисија денеска објави дека 70% од возрасното население во Европската Унија е целосно вакцинирано против ковид-19, постигнувајќи ја целта која беше поставена за крајот на годината.
Оваа објава претставува голем успех за ЕУ, имајќи го предвид бавниот и проблематичен старт на имунизацијата, но и укажува на големи разлики помеѓу членките, при што некои нации ја надминаа целта од 70%, додека други, од посиромашниот источен регион, многу заостануваат. Бугарија, која последна во ЕУ почна со вакцинирањето, има само 20% целосно вакцинирани, според Европската здравствена агенција. 21,8% Бугари имаат примено една доза, а од 5,14 милиони платени и испорачани вакцини, 2,85 милиони и натаму не се аплицирани.
Бугарија значително заостанува зад Романија, која е на претпоследното место на листата со 31,9% целосно вакцинирани возрасни граѓани.
„70% од возрасните во ЕУ се целосно вакцинирани. Сакам да се заблагодарам на сите тие луѓе во остварувањето на оваа цел“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Лидер е Малта, каде што 90,3% од населението има примено две дози, па следуваат Данска со 89,3%, Белгија со 82,9% и Португалија со 82,4%. Границата од 70% ја имаат надминато или достигнато и Шпанија, Германија и Италија.
Брисел досега има обезбедено 4,6 милијарди дози, од кои 625 милиони се испорачани.