СО ПОВРЕДЕНИОТ ЗОРАН МИЛЕВСКИ СЕ ВОЗЕЛЕ ДВАЈЦА СРПСКИ ДРЖАВЈАНИ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА СООБРАЌАЈКАТА КАЈ СТРАЖА ЗАШТО ИМА ЖРТВА

    СО ПОВРЕДЕНИОТ ЗОРАН МИЛЕВСКИ СЕ ВОЗЕЛЕ ДВАЈЦА СРПСКИ ДРЖАВЈАНИ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА СООБРАЌАЈКАТА КАЈ СТРАЖА ЗАШТО ИМА ЖРТВАВо несреќата во која учествувал и осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милевски-Кичевскиот, како осудено лице на едномесечно отсуство дадено за лекарски прегледи, тој е полесно повреден, а настрадани лица од неговата кола немало. (Фото: СДК.МК)

    За вчерашната тешка сообраќајна несреќа пред Стража, во која во судир на 3 возила при претекнување на полна лента загина едно лице, а седуммина се повредени, Обвинителството на Гостивар отвори истрага. Во несреќата во која учествувал и осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милевски-Кичевскиот, како осудено лице на едномесечно отсуство дадено за лекарски прегледи, тој е полесно повреден, а настрадани лица од неговата кола немало.

    Починатото лице било во камионетот. Во сообраќајката учествувале автомобили „мерецедес“, управуван од Милевски, „бмв“, и камионет. МВР веднаш ја потврди сообраќајката, како и тоа дека еден од учесниците е осудениот Милевски. За натамошни информации МВР упатува во Обвинителството кое го презеде случајот.

    „Несреќата се случила околу 15.30 часот на магистралниот пат Гостивар-Кичево, во близина на новоселски гробишта во Ново Село, помеѓу патничко моторно возило ‘мерцедес’ со кичевски регистарски ознаки, управувано од З. М. (41) од Охрид, патничко моторно возило ‘бмв’ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Е. Н. (23) од с. Радиовце, Тетовско, и товарно моторно возило ‘фургон сангјонг’, со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Б. Љ. (32) од с. Д. Бањица, Гостиварско. На местото на несреќата починал сопатникот од товарното возило С. Е. (34) од Гостивар. Со тешки телесни повреди се здобиле двајца сопатници од возилото ‘мерцедес’ П. Ж. (51) и М. М. (42) двајцата од Р. Србија, сопатникот од товарното моторно возило М. К. (31) од Гостивар и возачот Б. Љ., а со телесни повреди повреди се здобиле возачите З. М. и Е. Н. како и сопатникот од возилото ‘бмв’ Р. Р. (23) од с. Г. Палчиште, Тетовско, констатирани во Ургентниот Центар во Гостивар. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Гостивар во присуство на Јавен обвинител”, соопшти МВР.

    Милевски од Управата за извршување санкции добил решение да користи 30-дневно отсуство од затвор, „поради неодложни лекарски прегледи“. Определеното време за медицински испитувања е од 8 август до 8 септември.

    Милевски казната затвор ја издржува во отвореното одделение во затворот во Струга. Тој веќе има издржано повеќе од половина од затворската казна и до 8 септември треба да се врати на доиздржување на казната.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира