Трет Јапонец починал откако примил ковид вакцина на „Модерна“ од една од трите серии кои во меѓувреме се идентификувани како контаминирани. Четириесет и деветгодишниот маж ја примил втората доза на 11 август и починал наредниот ден. Неговиот единствен познат здравствен проблем била алергијата на хелда, објави министерството за здравство. Сепак, властите сè уште немаат утврдено дали овој смртен случај е поврзан со вакцинирањето.
Дозата била од истите серии во кои се пронајдени честички на нерѓосувачки челик, што доведе до повлекување на 1,63 милиони вакцини на „Модерна“ на 26 август. Трите серии биле произведени во Шпанија, во погон лиценциран од американската компанија.
„Реткото присуство на честички на нерѓосувачки челик во ковид вакцините на ‘Модерна‘ не претставува претеран ризик за безбедноста на пациентите и не влијае негативно врз профилот на производот“, објавија „Модерна“ и локалниот дистрибутер „Такеда“ минатата недела.
Во почетокот на минатиот месец, двајца мажи во 30-ти години без нагласени здравствени проблеми починале неколку дена откако ја примиле втората доза од вакината на „Модерна“. Контаминираните вакцини се пронајдени во Окинава, Гунма и Канагава на крајот на август и во почетокот на овој месец. Повеќе од 500.000 луѓе примиле вакцина од некоја од трите контаминирани серии и притоа не се пријавени проблеми.