ЦЕНТАРОТ НА МАКЕДОНИЈА Е МЕСНОСТА ДЛАБОК ДОЛ ВО ЧАШКА, А НЕ СЕЛОТО КРИВА КРУША КАКО ШТО СЕ СМЕТАЛО СО ДЕЦЕНИИ

    ЦЕНТАРОТ НА МАКЕДОНИЈА Е МЕСНОСТА ДЛАБОК ДОЛ ВО ЧАШКА, А НЕ СЕЛОТО КРИВА КРУША КАКО ШТО СЕ СМЕТАЛО СО ДЕЦЕНИИТочното место на географскиот центар на Македонија беше утврдено во 2011 година (Фото: СДК.МК)

    Центарот на Македонија се наоѓа во месноста Длабок Дол, во близина на селото Долно Врановци во Општина Чашка. Неговите географски координати се 41° 35′ 59.98″ N, 21° 42′ 17.74″ E, на 300 метри надморска височина.

    Сè до 2011, со децении беше познато дека географскиот центар на Македонија е селото Крива Круша, исто така во Општина Чашка. Но, долгогодишните истражувања и премерувања, завршени во 2011 со нови современи премери, покажаа нов момент.

    „Определувањето на географскиот центар на Македонија е извршено според строга аналитичка метода, а самото решение претставува геометриско тежиште на државната територија. За таа цел е извршено аналитичко дефинирање на државната граница со низа од околу 20.000 точки, кои беа определени со нивните правоаголни координати во државната Гаус-Кригерова проекција. Врз основа на координатите на наведените точки и одредени сложени математички модели, добиено е решението во вид на координати за централната точка на државната територија“, кажа професор д-р Златко Србиноски од Градежниот факултет во Скопје, кој го водеше истражувањето пред 15-ина години за потребите на Државниот завод за геодетски работи.

    За определување на центрите на државните територии се користат различни методи кои даваaт различни резултати, што можеби е причина претходно користената локација за центар на Македонија, кај селото Крива Круша, да се помести пет километри југоисточно, во реонот на селото Долно Врановци.

    „Со тогашниот степен на развој на картографските подлоги и на геодетската мерна технологија, како и поради непостоењето на компјутерската техника за обработка на масовните податоци, не било можно прецизно да се определи геометриското тежиште на државната територија“, вели Србиноски.

    Малкутемина живи луѓе од сега веќе раселеното село Крива Круша тврдеа дека таму е центарот на Македонија и гордо зборуваа дека во нивното село е срцето на земјава.

    „По осамостојувањето на Македонија, доаѓаа стручњаци, мереа нешто и пресметале дека тука, во селото, е центарот на државата. Не обележаа точно каде е местото, но велеа дека тука се сечат сите линии од север, исток, запад и југ“, објаснуваше сега починатиот Трајче Здравевски уште кога беше единствениот жител на Крива Круша.

    Официјалниот географски центар на Македонија се наоѓа во еколошки најчистиот предел на државата, каде што со километри нема индустриски капацитет и загадувачка индустрија, покрај реката Бабуна, недалеку од Мелничка планина и врвот Вртешка.

    Со поместувањето на границите на Европа по паѓањето на Берлинскиот ѕид, центарот на Европа од 1989 е лоциран во Литванија, кај селото Пурнушкеш, 26 км северно од главниот град Вилнус.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира