Сите 19 модуларни ковид болници во државата, се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди, вели Министерството за здравство откако утрово излегоа информации во медиумите и на социјалните мрежи дека пропусти при градбата може да се причина за пожарот во модуларната болница во Тетово.
Во вчерашниот пожар во модуларниот Ковид-центар во Тетово загинаа 14 лица, а 12 се на лекување во Тетовската болница и се надвор од животна опасност. Во Ковид-центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти. Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди.
Модуларните Ковид-центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово се отворени после технички прием. При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани.
Ковид-центарот во Тетово е проектиран со три влеза, велат од Министерството, ходниците се широки 2,4 метри, а парапетите на прозорите се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита. Ковид-центарот во Тетово, додаваат тие, ги поседува и сите потребни сертификати за заштита при несреќи.
„При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти. Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска“, велат од Министерството и апелираат да не се шпекулира со информации за техничките аспекти.