Од утрово, велешани пазаруваат на нова, привремена локација, покрај Вардар, на паркингот спроти спортската сала на ОУ „Панко Брашнаров“. Таму ќе бидат сместени сите пазарџии додека не заврши изградбата на горниот дел од Градскиот пазар, односно додека не биде покриен.
„Тезгите се дислоцирани на паркингот, најдовме таму доволно простор. Вишокот тезги е однесен во базата на ЈКП ‘Дервен‘. Со новиот покриен пазар, пазарџиите ќе имаат и нови тезги, што ги набави ова јавно претпријатие. Горниот дел од пазарот треба да биде ставен во функција на почетокот на октомври“, кажа градоначалникот Аце Коцевски на денешната прес-конференција.
Првични реакции од продавачите и купувачите нема. Има простор за минување и пазарење, па нема гужви.
Покривањето на горниот дел од Градскиот пазар го изведува фирмата „Бауер БГ“ од Скопје, а вредноста на градежните работи е 34 милиони денари. Роковите за изведба веќе беа надминати во два наврати и Коцевски најави дека фирмата ќе плати казна за тоа.
Изведувачот на градежните работи во долниот дел од пазарот е „БВ инженеринг“ од Битола, а вредноста е 50 милиони денари.
П. ПЕЧКОВ