Почна уривањето на старата конструкција на Универзална сала во Скопје и се поставува нова, во рамките на проектот за реконструкција на концертата сала. Во предниот дел од објектот веќе е поставена новата конструкција и таму во моментов се врши уривањето на старите делови .
Од Град Скопје велат дека за дваесетина дена целиот објект ќе добие нова конструкција, по што ќе почне изведбата на надворешноста и куполата, кои треба да бидат готови до крајот на годинава. Потоа ќе почне втората фаза, односно реконструкцијата на внатрешноста.
Со проектот за надворешноста ќе се задржи постојната форма и габарит, односно ќе се зачувува духот на Универзална. Куполата ќе биде зголемeна и навечер осветлена. Ќе се употребат нови материјали на фасадата за таа да биде енергетски ефикасна, а истовремено се зголемува и противпожарната заштита.
Изведбата на првата фаза, односно на фасадата и покривот, чини 1,8 милиони евра, а градежните работи ќе ги изведува фирмата „Универзал Балкан“.
Универзална сала е затворена шест и пол години, односно од 10 март 2015, кога на партиската трибина лидерот на СДСМ Зоран Заев ја пушти бомбата број 8 за изборни измами. По завршување на трибината на Заев, парче од таванот се откорна и падна врз седиштата. Тоа беше причина да се одложат сите планирани настани во Универзална, а одговорните тогаш одлучија место да го санираат само таванот, да се почека целосната обнова на салата.
Универзална сала е изградена после скопскиот земјотрес како донација на Бугарија и е копија на софискиот циркус.
А. АНТЕВСКА