Во Велес стигнал првиот воз во Македонија, уште во далечната 1873 година од Солун. Оттогаш од Велес со воз се патувало и надвор од земјата до големите европски градови, а велешани ги користеле овие погодности и патувале. За ова се присетува Благој Пљаков, пензиониран железничар, кој работниот век го минал на шалтерот каде cе купувале билети.
„Имаше возови од Атина за Дортмунд, Венеција, Париз, Трст, Минхен. Тоа беа директни линии, а велешани патуваа, ја користеа оваа можност. Не можам точно да кажам колку билети се продаваа, но се купуваа и се патуваше. Посебно до Трст со групна карта, како извидници феријалци, со голем попуст за билетот. Пазареа на Понте Росо, возот таму стигнуваше во 8 часот наутро, цел ден остануваа таму и навечер назад. Тоа беше во втората половина од 1970-ите и во 1980-ите. Се купуваа билети и до Солун и до таму велешани патуваа често, на шопинг, исто како за Трст“, вели Пљаков.
Тој се присетува дека за Трст се патувало најмногу во петок, а велешани се враќале назад во недела, додека за Солун исто така во петок а се враќале во сабота.
Со постојниот возен ред велешани можат да патуваат само во Македонија, со тоа што возот за Кочани не сообраќа четири месеци. Најавената изградба на брза пруга која би го поврзала Белград со Македонија е можност повторно велешани да можат да патуваат со воз надвор од земјава.
П. ПЕЧКОВ