Конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ и нивните ривали Социјалдемократи (СПД) се речиси израмнети по денешните парламентарни избори во Германија, велат излезните анкети, што го остава отворено прашањето кој ќе формира нова влада и ќе ја наследни Ангела Меркел на канцеларската функција.
ТВ-мрежата АРД објави дека ЦДУ/ЦСУ освоил 25% гласови, што би бил нивниот најслаб резултат во историјата, исто колку и социјалдемократите. Пресметките на ЗДФ го ставаат СПД во благо водство со 26% освоени гласови, додека за ЦДУ/ЦСУ гласале 24% избирачи.
„СПД се враќа, таму сме каде што припаѓаме. СПД и нашиот кандидат за канцелар Олаф Шолц имаат мандат да прават влада“, изјави генералниот секретар на партијата, Ларс Клингбел.
Генералниот секретар на ЦДУ, Паул Цимлијак, кратко изјави дека резултатите од изборните анкети болат.
„Ова ќе биде долга ноќ. Освоивме чист мандат од нашите гласачи и ќе сториме сè за да формираме влада предводена од ЦДУ“, изјави лидерот на партијата, Армин Лашет.
Вниманието сега се свртува кон неформалните дискусии, најверојатно со Зелените, кои спорец излезните анкети освоија 15% гласови, и Слободните демократи (11%), пред да се продолжи со поформалните преговори за коалицирање. Тие би можеле да траат со месеци, што ја остава Ангела Меркел како преоден канцелар.