ПРЕСПА Е НАШАТА ВТОРА ТАТКОВИНА, ВЕЛИ ХОЛАНДСКИОТ БРАЧЕН ПАР БАРС КОЈ ПО 30. ПАТ ИСПРАЌА ПОМОШ ЗА БОЛНИЦАТА ВО ОТЕШЕВО

    ПРЕСПА Е НАШАТА ВТОРА ТАТКОВИНА, ВЕЛИ ХОЛАНДСКИОТ БРАЧЕН ПАР БАРС КОЈ ПО 30. ПАТ ИСПРАЌА ПОМОШ ЗА БОЛНИЦАТА ВО ОТЕШЕВОДонацијата во медицинска помош вредна 10.000 евра Кроес ја собраа преку нивната Фондација „Воздух за Преспа“. (Фото: СДК.МК)

    Деновиве ќе пристигне триесеттата по ред хуманитарна пратка со лекови и медицински материјали, донација од холандските хуманитарци, брачниот пар Кес и Јохана Барс, наменета за Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски лекувања во Отешево, Преспа. Донацијата изнесува 10.000 евра, а средства ги собраа преку нивната Фондација „Воздух за Преспа“, преку која веќе три децении секоја година пристигнува помош за оваа болница во Македонија.

    „Секоја година, болницата ни праќа листа со медицинска помош што ѝ е потребна и една цела година ние собираме пари од донатори низ целиот свет во износ кој ни е потребен за набавка на нови медицински лекови, а потоа ги праќаме во нашата сакана Преспа за да им помогнеме на луѓето во болницата“, вели Кес Барс во телефонски разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Тој открива дека долгогодишната помош е резулатат на големото пријателство што го имале со поранешниот директор и основач на Болницата во Отешево, Арсе Гошаревски, татко на актуелниот градоначалник на Ресен, Живко.

    „Мојата сопруга Јохана дојде во Отешево во 1967 година, скоро 55 години откако е вљубеник во Преспа. А јас за првпат дојдов во 1972 година, значи наскоро ќе се наврши половина век како доаѓам во Македонија. По еден летен одмор минат во Преспа, таткото на градоначалникот на Ресен, кој ја водеше болницата во Отешево, во 1991 кога беше војната на Балканот, ни прати писмо и ни напиша ‘вие ми сте многу добри пријатели, а јас водам болница со осумдесетина пациенти, но немам никакви лекарства, ве молам за помош. И така тргна соработката. Ова е 30. пат како праќаме медицинска помош за оваа болница“, вели Барс.

    За разлика од лани, кога поради пандемијата беа спречени да ја посетат Преспа, годинава доаѓаат на 5 октомври, приближно во периодот кога се очекува да пристигне и помошта. Велат „Преспа ни е втора татковина“. Ќе престојуваат кај градоначалникот Живко Гошаревски, а помошта која ќе пристигне деновиве овластување да ја подигне има неговата сопруга Билјана Гошаревска, портпарол на Болницата во Отешево.

    „Нивната Фондација се нарекува ‘Воздух за Преспа’, а оваа нивна помош значи воздух за нашата болница. Се состои од антибиотици, коритикостероиди, пумпи и спрејови за дишење, реагенси. Со неа се покриваат потребите од лекови и медицински материјали за голем дел од годината. Сакам да упатам огромна благодарност за долгогодишното пријателство и соработката. Претходно имаа донирано и санитетско возило, апарати за во физикална, за во лабораторија. И годинава ќе престојуваат во нашиот дом, долгодоишни пријатели ни се, добредојдени гости, голема ни е честа што го продолживме пријателството на Арсе Гошаревски“, вели м-р Билјана Гошаревска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира