Градежната кмпанија „Бетон“ го продава недоградениот хотел залепен до белата палата на ВМРО-ДПМНЕ во строгиот центар на Скопје. На хотелот, кој почна да се гради во 2013, со години нема градежни активности, стои како карабина и го нагрдува овој дел од центарот на градот.
Објектот, како што велат од „Бетон“ за САКАМДАКАЖАМ.МК, е ставен на продажба бидејќи компанијата нема пари да го догради, односно има голем број ненаплатени побарувања за проекти од „Скопје 2014“.
„Претпријатието има ненаплатени околу 8 милиони евра за државни објекти и споменици, како и од Македонската православна црква за црквата ‘Свети Константин и Елена’. Затоа е одлучено овој објект со намена хотел да се стави на продажба“, велат од Д.Г. „Бетон“.
Хотелот на „Бетон“ се наоѓа на улицата која водеше до некогашната жолта зграда на два ката на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Но, со доаѓањето на власт на партијата под раководство на Никола Груевски, државното земјиште Министерството за транспорт и врски ѝ го продаде по багателна цена од 130.000 евра на партијата, и со неколку измени на Деталниот урбанистички план „Мал ринг“, во времето кога градоначалник е Владимир Тодоровиќ, се нацртаа маркички за сегашните објекти со висина приземје и осум ката. Потоа, партијата се договори со „Бетон“ да им ја изгради зградата, а за возврат им го дадоа земјиштето за да си градат хотел.
Одобрението за градба на хотелот заедно со зградата на ВМРО-ДПМНЕ „Бетон“ го доби во јуни 2012, а станува провосилно во март 2013. Од Општина Центар велат дека рокот за градба на овој објект е 10 години односно до 2023.
„Бетон“ беше еден од најголемите градители на објектите од проектот „Скопје 2014“, за што имаше склучено договори во вредност од околу 200 милиони евра.
Неделава од „Бетон“ соопштија дека приватната болница „Ре-Медика“ ќе го преземе преостанатиот долг на МПЦ и Фондацијата „Св. Цар Константин“ од околу 3,5 милиони евра за црквата „Св. Константин и Елена“, која што речиси 10 години се гради на улица Македонија во центарот на Скопје, за да може градежната компанија да има средства за работа.
Покрај овој долг од МПЦ и фондацијата, државните институции му должеле на „Бетон“ 8 милиони евра за градбите нарачани од Владата на Никола Груевски, од кои 4 милиони расчистила сегашната влада на Заев. Но, за 4 милиони се води судски спор со Министерството за култура, за големиот споменик на Мајка Тереза што стои неизграден на Плоштадот Македонија и за кој стручната јавност и градоначалникот Петре Шилегов сметаат дека треба да се отстрани и за фасадата на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), која уште стои како грдотија на плоштадот.
А. АНТЕВСКА