Двајца починати од СИДА и 33 новодијагностицирани со инфекција од ХИВ вирусот се регистрирани во првите десет месеци од годинава. Проф.Д-р Звонко Миленковиќ, директор на Клиниката за инфективни болести и Национален координатор за заштита од ХИВ, вели дека бројот на новодијагностицирани расте, бидејќи лани за цела година имало толку случаи и додаде дека рекордниот број на инфицирани бил откриен во 2014 кога имаше 45 нови случаи.
Тој рече дека двајца болни кои починале од ХИВ биле доцна дијагностицирани, кога инфекцијата веќе била во напредна фаза.
“Очекуваме оваа година бројот на новорегистрирани случаи да биде меѓу она што беше регистрирано во 2015 и 2014 година. За жал, станува збор за лица кои не се тестирале навреме и во моментот кога им е поставена дијагнозата инфекцијата била во напредна фаза. И покрај тоа што веднаш се ставени на третман, времето било кратко за да може да делува терапијата“, рече Миленковиќ.
Според него, оваа бројка од два смртни случаи и зголемен број на новооткриени случаи е предупредување дека болеста не смее да се игнорира, бидејќи и покрај тоа што има високо ефикасна терапија за инфекцијата, од неа сѐ уште се умира ако навреме не се открие.
“Зголемувањето на бројот се должи на зголемениот надзор на ХИВ инфекцијата и следење на таргетирани ризични групи, со едуктивен пристап, каде им се објаснуваат придобивките од навременото откривање на болеста“, рече Миленковиќ. Тој вели дека од вкупниот број лица кои живеат со ХИВ на Клиниката за инфективни болести се лекуваат 87,9 отсто, а дека меѓу тие кои не примаат терапија има и пациенти кои имаат и други когнитивно невролошки заболувања и буквално не се свесни дека терапијата треба да ја примаат редовно по одреден ритам.
“Секој прекин на терапијата или нарушување на пропишаниот ритам, може да предизвика отпорност на организмот. Меѓу оние што не се лекуваат има и такви случаи“, рече Миленковиќ.