Според податоците на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Северна Македонија (МАЛМЕД), досега немало ниту еден случај на животозагрозувачка реакција како последица на вакцините против ковид-19, кажа проф. д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација во неделната онлајн дискусија, организирана во Лекарска комора.
Таа вели дека бројот на несакани реакции е далеку помал од ризикот кој го носи болеста, така што користа од вакцинацијата против ковид-19 е на високо ниво.
„Вакцините се ефективни во спречување на хоспитализација и тешка форма на болест и по појавата на Делта сојот, но може да бидат помалку ефикасни во спречување на инфекција или развивање на поблаги симптоматски заболувања. Причините за помала ефикасност најверојатно вклучуваат опаѓање на имунитет со текот на времето, појавата на Делта варијанта и различниот одговор за повозрасната популација и имунокомпромитираните пациенти. Несаканите сериозни реакции се навистина ретки, според податоците кои кај нас ги прибира МАЛМЕД не сме имале ниту еден случај на животoзагрозувачка реакција како последица на овие вакцини. Бројот на несакани реакции е далеку помал од ризикот кој го носи болеста, така што бенефитот од вакцинацијата против Ковид-19 е на високо ниво“, вели Грозданова.
Понатаму, таа кажа дека комбинирањето на вакцините дава можен поширок имунолошки одговор.
„Во однос на комбинирање на вакцините кое се јавува како прашање и од аспект на безбедност и на ефикасност, давањето на различна прва во однос на втора доза или различна буст доза дава можен поширок имунолошки одговор и појак бустер ефект. Студии направени во Велика Британија и во Шпанија покажаа одличен ефект од комбинација на Астра Зенека и Фајзер, комбинирање на Астра Зенека со Спутник, како и комбинација на Фајзер со Џонсон и Џонсон. Вакви искуства веќе имаат и Канада, Франција, Данска, Норвешка, Данска, Шведска кои заради забраната за давање на Астра Зенека на помлади, по примена прва доза од оваа вакцина како втора даваа Фајзер или Модерна“, вели таа.
Заради падот на ефективноста на вакцините се даваат препораки за бустирање на имунолошкиот одговор со трета доза на вакцина. Националната комисија за имунизација препорача вакцинација со трета доза на вакцина кај ризични групи: здравствени работници, независно од возраста, пациенти на дијализа, трансплантирани пациенти и имунокомпромитирани, лица над 60 години. Вакцинацијата со трета доза се спроведува со вакцините на „Фајзер“, после поминати 6 месеци од примањето на втората доза.