По изјавата на бугарскиот технички премиер Стефан Јанев дека во дијалогот со Македонија не треба да се закопуваме во минатото, туку да бараме решенија во иднината, македонскиот премиер Зоран Заев денеска кажа дека по изборите во двете земји има добра шанса да се најде решение за блокадата на Бугарија за македонските евроинтеграции.
„Кога завршуваат изборите, сите политичари и кај нас и во Бугарија и насекаде се поразумни и поодговорни отколку пред изборите. Со завршени избори кај нас и завршени избори во Бугарија, тоа е првата причина да имаме добра шанса. Втората причина е што во разговорите се движиме на добар пат. Меѓусебната разбирачка сè повеќе е присутна во разговорите и верувам дека низ дијалог ќе го потврдиме добрососедството, пријателството и соработката со Бугарија“, кажа Заев, одговарајќи на новинарско прашање по акцијата за пошумување на опожарените површини во атарот на тетовското село Теново.
Во Бугарија, третпат годинава ќе има парламентарни избори на 14 ноември, овојпат истовремено со претседателските избори. Во Македонија, локалните избори се на 17 октомври.
Заев очекува позитивните пораки да продолжат и на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи следната недела во Словенија.
„Изјавата на мојот колега, премиерот Јанев ја прифаќам како добра, позитивна порака. Во среда во Словенија ќе имаме состанок со претседателот Радев, заедно со високите претставници на ЕУ, премиерот Јанша, присутни на самитот ќе бидат канцеларката Меркел, претседателот Макрон и многу други европските лидери и ќе потврдиме дека тоа е патот“, рече Заев.