Три години сум државен првак во бокс во категоријата до 69 килограми, а немам добиено никаква поддршка од државата, вели 20-годишниот Рамон Казимов од Битола. Тој беше првак во 2016, 2017 и 2019 година и освои многу медали низ балканските држави, но успесите не ги подобрија условите во кои тренира, кои потсетуваат на неговите почетоци пред десетина години.
„Почнав да тренирам на 11 години со искинати ракавици. Прво тренирав во малата сала во спортската сала во Битола. Условите не беа многу добри. Имавме само една-две вреќи за боксување. Денес тренирам во друг клуб. Но, условите во салата исто така не се добри. Нема доволно ракавици, опрема, некои нови справи за бокс, само вреќите ги имаме. Немаме добар ринг, покривот ни течеше, па се поправи, студено е, нема дограма како што треба. Сега тренирам позади Ќумурното игралиште, каде што порано беа соблекувалните. Велат дека ќе ја прават салата“, вели Рамон.
За да може да постигнува успеси, тој има потреба и од квалитетна исхрана, а тоа тешко се обезбедува со една плата од 18.000 денари.
„Сега се вработив, а претходно морав да се потпирам на можностите на родителите. Три години сум првак во Македонија, а не ми дадоа никаква стипендија, ни парична награда, ништо“, вели Казимов.
Секој ден тренира по два-трипати. Член е на БК Пелистер од Битола, а тренер му е Златко Мурџевски. Додека некои боксот го гледаат како агресивен спорт, Рамон вели дека за него е уметност.
„Ме прави поистраен и поупорен во животот. Не е точно дека времето на боксот е минато. Во нашиот клуб имаме добри боксери кои се надежта на Битола“, вели тој.
Казимов е од битолската населба Баир, каде што живее главно ромско население. Заедно со уште неколкумина млади успешни спортисти од оваа населба, за кои јавноста досега била малку информирана, прифати да биде дел од проектот „БАИР – Здружена акција на Битола за вклучување на Ромите“, финансиран од Европската Унија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА