СЕ УРИВААТ 26 КУЌИ ВО СКОПСКА КЕРАМИДНИЦА, ОД ВКУПНО 100 НА ТРАСАТА ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА БУЛЕВАРОТ АСНОМ ОД АЕРОДРОМ КОН ГАЗИ БАБА

    СЕ УРИВААТ 26 КУЌИ ВО СКОПСКА КЕРАМИДНИЦА, ОД ВКУПНО 100 НА ТРАСАТА ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА БУЛЕВАРОТ АСНОМ ОД АЕРОДРОМ КОН ГАЗИ БАБАЕкспропријацијата за сите објекти ќе чини околу 2,5 до 3 милиони евра. (Фото: Град Скопје)

    Екипи на Град Скопје почнаа со уривање на првите куќи и објекти кои се наоѓаат на трасата за продолжување на булеварот АСНОМ преку новиот мост во Аеродром низ Керамидница. Завршени се постапките за експропријација за 26 објекти и во наредните неколку дена, како што велат од Град Скопје, сите ќе бидат урнати, а просторот ќе биде расчистен.

    На трасата за новиот булевар кој ќе биде продолжение на мостот, се наоѓаат околу 100 објекти кои треба да бидат урнати. Експропријацијата за сите објекти ќе чини околу 2,5 до 3 милиони евра.

    „Интензивно се работи на расчистување на имотно-правните односи и за другите објекти во Керамидница кои се наоѓаат на трасата на пробивањето на булеварот во овој дел градот. До јуни наредната година, булеварот ќе биде готов “, велат од Град Скопје.

    Од Град Скопје додаваат дека во завршна фаза е изградбата на новиот мост дел од овој коридор. Мостот кој ќе се вика „Генерал Михајло Апостолски“ треба да биде завршен за еден месец. Со изградбата на новиот мост и пробивањето на булеварот АСНОМ низ Керамидница, ќе се поврзат Општините Аеродром и Гази Баба. Целата траса е во должина од 400 метри, а само мостот 150 метри со три коловозни ленти во двата правци, пешачка и велосипедска патека.

    По изградбата на овој мост и пробивањето на новиот коридор, од Ново Лисиче до Судската палата со автомобил ќе се стигнува за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. Со тоа, како што велат од Градот, граѓаните на овие три општини може да заштедат и до 20 минути од времето поминато во сообраќај ако ја изберат оваа рута.

    Вкупната вредност на овој проект е 16 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира