БЕЗГРАНИЧНА Е ЉУБОВТА КОГА СЕ ДАРУВА НЕКОМУ ЖИВОТ, РЕЧЕ Д-Р МОЈСОВА-МИЈОВСКА НА ЕВРОПСКИОТ ДЕН НА ОРГАНОДАРИТЕЛСТВОТО

    БЕЗГРАНИЧНА Е ЉУБОВТА КОГА СЕ ДАРУВА НЕКОМУ ЖИВОТ, РЕЧЕ Д-Р МОЈСОВА-МИЈОВСКА НА ЕВРОПСКИОТ ДЕН НА ОРГАНОДАРИТЕЛСТВОТОМинистерот Филипче, д-р Пановска-Ставридис и д-р Мојсова-Мијовска на денешното одбележуваљње на Европскиот ден на органодарителство. (Фото: К. Попов)

    „Ние сме една голема фамилија, големо семејство со кое правиме голем исчекор во солидарноста, во љубовта и во благородноста на човечкиот живот“, рече денеска националната координаторка за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска на одбележувањето на Европскиот ден на органодарителството, кој е посветен на семејствата на донаторите на органи.

    Д-р Мојсова-Мијовска, заедно со министерот за здравство Венко Филипче и директорката на Клиниката за хематологија д-р Ирина Пановска-Ставридис денеска говореа за подигнувањето на свеста на органодарителството во земјава, на настан со медицинските тимови кои ги извршија трансплантациите, семејствата на донорите и примателите на органи, како и претставници на странските амбасади во земјава.

    „По првата трансплантација на срце во мај 2020, направени се осум дијагностицирања на мозочна смрт и направени сè уште пет трансплантации на срце и 17 бубрези. Напредок е постигнат и за трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител, за што претходно пациентите се испраќаа во странство. Направени се 35 такви трансплантации. Ние сме дел од светскиот регистар за коскена срцевина, што значи, нашите крводарители можат да даруваат крв и кој било пациент во да биде соодветен примател, но и обратно“, рече Филипче.

    Холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Комп меѓу гостите на одбележувањето на Европскиот ден на органодарителството. (Фото: К. Попов)

    Според д-р Мојсова-Мијовска, таа човечка љубов е безгранична, „кога семејствата се одлучија на едно човечно дело и подарија живот некому кому му претстоеше краток период на живеење“.

    „Ова немаше да биде можно доколку не постоеја семејства кои имаа благородна душа и безгранична човечка љубов и во најтешките моменти се одлучија и подарија живот. Ние сметаме дека тие се нашата најголема кампања, кога ќе се слушне нивниот глас толку силно, сметам дека допира до сите вас. И медиумите се наши партнери, тие се нашиот глас за она што сакавме и успеваме да го направиме“, кажа д-р Мојсова-Мијовска. Докторката Пановска-Ставридис додаде дека е потребно многу љубов, сила и човечност „да мислите на туѓ живот во моментите кога губите близок и сакан“.

    Во делот за трансплантацијата на коскена срцевина, д-р Пановска-Ставридис кажа дека досега на Хематологија се спроведени повеќе од 600 интервенции, а 35 пациенти се лекувани со новите процедури.

    „Нашите резултати се движат кон рамките на достигнувањата на реномираните центри во Европа и САД. Истовремено, за пациентите од непроценливо значење е што во текот на лекувањето се блиску до своето семејство и ја имаат нивната помош и поддршка“, рече д-р Пановска-Ставридис.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира