Вселенската капсула „Сојуз“ со космонаут и двајца руски филмаџии слета по три и пол-часовно патување од Меѓународната вселенска станица. Капсулата слета во степите на Казахстан, со космонатутот Олег Новицкиј, актерката Јулија Пересилд и режисерот Клим Шипенко.
Актерката Пересилд и режисерот Шипенко полетаа до вселенската станица на 5 октомври за 12-дневен престој, за да снимат делови од филмот насловен „Предизвик“, во кој хирург кој го игра Пересилд брза кон вселенската станица за да спаси член на екипажот кому му треба итна операција во орбитата. Новицкиј, кој помина повеќе од шест месеци на вселенската станица, ќе глуми болен космонаут во филмот. Филмот, чиј буџет се држи во тајност, беше објавен од руската вселенска агенција Роскосмос.
Сите од екипажот што слета изгледаа здрави и весели. Пересилд се насмевна и држеше голем букет бели цвеќиња додека новинарите се собираа околу неа. Но, таа рече дека чувствува и малку меланхолија.
„Денес се чувствувам малку тажно. Се чинеше дека 12 дена ќе бидат многу, но јас не сакав да заминам кога сè заврши “, рече 37-годишната Пересилд, која беше избрана за улогата меѓу 3.000 кандидатки.
Со оваа мисија, Русија повторно е прва во настан во вселената, откако прва лансираше сателит, животно, маж и жена во орбитата.
На вселенската станица останаа седуммина астронаути, двајца од Русија, тројца од САД, еден од Европската вселенска агенција и еден од Јапонија.