НЕЗАВИСНАТА ЛИСТА „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“ ВЛЕГУВА СО ТРОЈЦА СОВЕТНИЦИ ВО ОПШТИНСКИОТ СОВЕТ

    НЕЗАВИСНАТА ЛИСТА „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“ ВЛЕГУВА СО ТРОЈЦА СОВЕТНИЦИ ВО ОПШТИНСКИОТ СОВЕТЗа листата предводена од Јана Белчева гласале 2.517 гласачи од 96 проценти верификувани гласови и ќе претставува четврта политичка сила во општината. (Фото: СДК.МК)

    Независната листа на граѓани „Шанса за Центар“ ќе има три места во советот на скопската Општина Центар. Според официјалните податоци на Државната изборна комисија (ДИК), за листата предводена од Јана Белчева гласале 2.517 гласачи од 96 проценти верификувани гласови и со ист број советници како партијата Левица ќе претставува трета политичка сила во општината. СДСМ ќе има 9, а ВМРО-ДПМНЕ 7 места во Советот на Центар. Коалицијата ЛДП/ДОМ освои едно место во Советот.

    Уште вечерта во неделата по објавувањето на првите резултати носителката на листата Јана Белчева изјави: „Со еден советник бевме гласни, со тројца ќе грмиме“.

    Таа не го крие задоволството од освоените гласови затоа што, како што вели, тие се освоени со ентузијазам, без партиска поддршка, без ветувања за вработувања и со добра мисла и труд на бројни поддржувачи.

    „Им благодарам за трпението на сите гласачи што излегоа да ни дадат глас, што чекаа во редици и покажаа деке не се рамнодушни за локалните прашања. Граѓаните препознаваат дека моќта е во советите и ние со трите советнички места ќе можеме да бидеме коректор на локалната власт и ќе дадеме придонес за учеството на граѓаните во општината и кон транспарентноста во носењето одлуки за подобар квалитет на живот во Центар“, изјави Белчева.

    Таа вели дека овие начела се нејзина заложба од 2015 година кога со соседите од Дебар Маало почнале да се среќаваат за да се побунат околу нелегалните планови што во времето кога локалната власт беше на ВМРО-ДПМНЕ беа носени набрзина во доцните ноќни часови.

    „Оваа група на Центарци со тек на време сѐ повеќе растеше и се обединуваше за секојдневните комунални проблеми, за во 2017 да прераснеме во граѓанско здружение, а денес веќе да имаме три независни советнички места во Општина Центар“, вели Јана Белчева.

    Јана Белчева беше претседателка на Советот на Општина Центар од 2017, кога на изборите влезе како претставничка на неколку неформални групи и граѓански здруженија на листата на СДСМ. Многу често се спротивставуваше на досегашниот градоначалник Саша Богдановиќ и советничките групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а лани си даде оставка по изневерените очекувања од СДСМ и разочараноста од начинот како локалната власт ги спроведуваше локалните политики.

    „Шанса за Центар“ се појави како неформална група што регистрираше своја листа пред два месеца.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира