ПАНДЕМИЈАТА ПУСТОШИ НИЗ ИСТОЧНА ЕВРОПА – РУСИЈА ПРОГЛАСИ НЕРАБОТНА НЕДЕЛА, ЛЕТОНИЈА ВО КАРАНТИН, ВО РОМАНИЈА НА СЕКОИ ПЕТ МИНУТИ УМИРА ЕДНО ЛИЦЕ ОД КОВИД-19

    ПАНДЕМИЈАТА ПУСТОШИ НИЗ ИСТОЧНА ЕВРОПА – РУСИЈА ПРОГЛАСИ НЕРАБОТНА НЕДЕЛА, ЛЕТОНИЈА ВО КАРАНТИН, ВО РОМАНИЈА НА СЕКОИ ПЕТ МИНУТИ УМИРА ЕДНО ЛИЦЕ ОД КОВИД-19Во Русија денеска се регистрирани рекордни 1.028 жртви на ковид-19

    Русија прогласи неработна недела, Летонија се затвори на еден месец, а во Романија се појави недостиг од мртовечки ковчези додека земјите од источна Европа, во кои владее голема скепса кон вакцините, бележат рекордни бројки на заразени и починати од ковид-19.

    Русија прва на светот одобри вакцина против ковид-19, но не успеа да убеди огромен дел од своето население да се имунизира и сега се соочува со најголемата стапка на смртност од почетокот на пандемијата. Денеска се регистрирани 1.028 жртви на ковид-19.

    Поради тоа, претседателот Владимир Путин го прифати владиниот предлог и објави дека периодот од 30 октомври до 7 ноември ќе бидат неработни денови, но платите ќе бидат исплатени.

    Градоначалникот на Москва порача дека сите над 60 години кои не се вакцинирани ќе мора да останат дома четири месеци.

    Во Европската Унија, земјите со најниска стапка на вакцинирање се оние кои му припаѓаа на источниот комунистички блок, Бугарија, Романија, Хрватска, Полска, Летонија и Естонија.

    Романија, каде што на секои пет минути умира едно лице од ковид-19, оваа недела ја има највисоката стапка на смртност по глава на жител на светот, а и Бугарија не заостанува многу. Само 36% од возрасните Романци се вакцинирани, додека просекот во ЕУ е 74%.

    „Има семејства кои погребале четири члена во рок од две недели“, вели Себастијан Кокош, сопственик на погребално претпријатие од романскиот град Плоешти, додавајќи дека се мачат да обезбедат доволно ковчези.

    Оваа недела, Летонија воведе едномесечен карантин, станувајќи прва земја од ЕУ која го направила тоа од почетокот на вакцинирањето. Една третина од летонското население зборува руски и според едно истражување, само 46% од нив се вакцинирани, во споредба со 62% од етничките Летонци.

    И Полска се соочува со ново големо ширење на коронавирусот, но засега не планира воведување драстични мерки.

    „Во изминатите денови имаме експлозија на пандемијата. Бројот на новозаразени порасна за повеќе од 100%“, изјави министерот за здравство Адам Ниѕиелски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира