Редици од луѓе кои сакаат да се вакцинираат се забележуваат од вчера пред вакциналните пунктови во Бугарија, откако владата усвои нови мерки, кои вклучуваат и задолжителна ковид пропусница за влез во затворени места. Потврда за вакцинирање, прележан ковид-19 или негативен ПЦР тест од денеска се бара низ целата земја.
Од болницата „Света Ана“ во Софија вчера соопштија дека вакцинирале повеќе од 50 луѓе за два часа, а уште многу луѓе чекале во редица. Голем интерес за вакцинирање пријавиле и други болници во Софија, како и регионалните здравствени служби во Пловдив и Бургас.
Бугарија е меѓу членките на ЕУ со најниска стапка на вакцинирање. Денеска се регистрирани 4.522 нови случаи на коронавирус, што е најголема дневна бројка од април, а починале 107 луѓе. Во бугарските болници лежат речиси 6.500 пациенти со ковид-19.