Американските здравствени власти го поврзаа ширењето на салмонелата, регистрирано во 37 сојузни држави, со разни видови увезен свеж кромид и ги повикаа луѓето да го фрлат ако не знаат од каде потекнува. Најмногу случаи на зараза се пријавени во Тексас и Оклахома.
„Фрлете го целиот неозначен кромид што го имате дома. Не јадете, продавајте или служете црвен, бел или жолт кромид увезен од Мексико“, предупреди Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) на Твитер.
ЦДЦ соопшти дека 652 луѓе се заразиле со салмонела, од кои 129 завршиле во болница. Не се пријавени смртни случаи. Повеќемина заразени јаделе кромид во ист ресторан. Увезениот кромид бил продаден на ресторани и продавници низ целата земја.
„Бројот на заразените е веројатно многу поголем од пријавениот“, смета ЦДЦ.
Заразата првпат била регистрирана во средина на септември, но ЦДЦ и Агенцијата за храна и лекови не успевале да го лоцираат изворот.