ПОЧИНА ФИЛОЛОГОТ И КНИЖЕВЕН ТЕОРЕТИЧАР АТАНАС ВАНГЕЛОВ

    ПОЧИНА ФИЛОЛОГОТ И КНИЖЕВЕН ТЕОРЕТИЧАР АТАНАС ВАНГЕЛОВВангелов е годинашниот добитник на наградата „11 Октомври“, а награден за животно дело во областа на науката и образованието. (Фото: Фејсбук)

    Филологот и книжевен теоретичар проф. д-р Атанас Вангелов почина денеска на 75 години, потврди семејството со објави на социјалните мрежи. Вангелов е годинашниот добитник на наградата „11 Октомври“, а награден за животно дело во областа на науката и образованието.

    Вангелов беше професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а работел и како новинар, преведувач, драмски автор и критичар. Беше поранешен пратеник во Собранието и амбасадор во Унгарија.

    Автор е на над 20 книги поезија, проза, драма, критика, студии и книжевна теорија.

    Од Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) велат дека Вангелов е еден од најдобрите познавачи и толкувачи на делото на Блаже Конески, што се потврди со објавата на неговите најнови филолошки студии „Лирската биографија на Конески“ (2020) и „Филолошката критика на Конески“ (2021), кои требаше да бидат заокружени и со трета книга која останува во работна верзија, како последен ракопис на кој работел Вангелов. Важноста на првата книга од оваа трилогија беше верификувана и со доделувањето на наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2020.

    „Со загубата на Атанас Вангелов македонската книжевност губи еден од најверзираните и најостри критичари и проследувачи на книжевната продукција кај нас, и во историска перспектива, и во однос на современата книжевност од најнов датум“, вели ДПМ.

    Бил претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата (СВП) и лектор по македонски јазик и литература во Париз, а од 1967 е член на ДПМ.

    Добитник на наградите „Млад борец“, „Браќа Миладиновци“, „Божидар Настев“, „Димитар Митрев“, „Златно перо“, „Григор Прличев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира