ПЕТРОВСКА ОД СДСМ ПОКАЖА БУГАРСКА ЛИЧНА КАРТА НА ДАНИЕЛА АРСОВСКА ОД ПЕТРИЧ, СО БРОЈ, ДАТА НА РАЃАЊЕ И БОЈА НА ОЧИТЕ

    ПЕТРОВСКА ОД СДСМ ПОКАЖА БУГАРСКА ЛИЧНА КАРТА НА ДАНИЕЛА АРСОВСКА ОД ПЕТРИЧ, СО БРОЈ, ДАТА НА РАЃАЊЕ И БОЈА НА ОЧИТЕОваа лична карта на Арсовска е издадена на 5 мај 2017 година и уште е важечка, рече Петровска (Фото: Фејсбук/принтскрин)

    Пратеничката од СДСМ и поранешен заменик-министер за внатрешни работи Славјанка Петровска денеска на прес-конференција објави и бугарска лична карта што тврди дека е на независната кандидатка за градоначалник Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

    Како и во државјанството, за кое Петровска тврди дека е издадено од МВР на Република Бугарија, така и во личната карта на бугарски јазик, место Данела, стои Даниела. На бугарски јазик на неа пишува краток опис: „со зелени очи“.

    Во меѓувреме, на социјалните мрежи соученици нејзини, како што тврдат, објавија фотографија од алманахот во средното училиште, каде под сликата на Даниела Арсовска (тогаш Јовановска), пишува Даниела, со „и“.

    Арсовска утринава на прес-конференција кажа оти е Данела од раѓањето и го добила името по дедо ѝ Дане.

    „Бугарската лична карта на Арсовска е со ‘номер’ (број), со дата на ‘раждане’ (раѓање), со адреса на живеење во Петрич, која патем, сè уште е важечка. Оваа лична карта на Арсовска е издадена на 5 мај 2017  година“, рече Петровска и ја праша Арсовска со каква намера ја извадила бугарската лична карта само неколку дена по пропаднатиот обид да се убијат пратеници во Собранието, во организираниот терористички напад на 27 април таа година.

    Вчера Петровска објави документи дека Арсовска има пасош на Република Бугарија, но и дека е Почесен конзул на Унгарија во Македонија, нарекувајќи ја инсталација на Груевски.

    „Граѓаните на Скопје бираат градоначалник, а не кмет“, рече Петровска.

    Арсовска утринава кажа и дека на два дена пред избори не може да докаже низ постапка дека не се вистина ваквите наводи на СДСМ.

    „Јас во целост ги негирав овие наводи. Не само скопјани, цела Македонија знае и верува дека луѓето кои ги продадоа македонските национални интереси сега на два дена пред избори излегуваат со наводи кои не можам низ постапка да ги докажам“ изјави Арсовска утринава на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање дали има бугарско државјанство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира