Уредите за отпечаток од прст ќе се применуваат и во вториот круг гласање на локалните избори, само што овој пат се очекува процесот да се одвива брзо зашто е спроведена уште една обука, зголемен е бројот на технички лица, а направен е и друг план за работа, рече претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски денес во Битола, од каде тргна дистрибуцијата на гласачкиот материјал.
„Ќе ги има уредите, се презедоа мерки, се направи друг план за работа и уште една обука, од друга страна имаме ангажирано многу технички лица, над 400. Планирано е во секој гласачки регион, во секое училиште да има по еден инженер. Резервите од уредите кои беа во Општинските изборни комисии (ОИК) сега ќе бидат со нив и ако нешто се случи одма ќе може да се замени на лице место. Се разјаснија нејасностите, сега ќе има обид двапати со прст и ако при двапати не се идентификува ќе се премине на ставање на личен документ и ќе се најде гласачот во уредот. Ќе оди полесно и побрзо. И луѓето се пообучени и техничките лица се побројни“, рече Даштевски.
Тој појасни дека на гласачките ливчиња мора да се става печат од Избирачкиот одбор и дека тоа упатство никогаш не било променето.
„Сега имаме многу помалку материјал, се работи за многу кавлитетни ливчиња со 21 ниво на заштита, многу тешко е да се фалсификуваат, се работи за многу оригинални ливчиња и на секој кочан има број од избирачкото место, така што ливчето најдено на друго избирачко место веднаш ќе се открие. Тие инсинуации се невозможни“, рече Даштевски.
Во печатницата „Киро Дандаро“ во Битола се отпечатени 1,6 милиони ливчиња за седум дена и денес со полициско обезбедување се доставуваат до избирачките места каде ќе има втор круг гласање.
Ж. ЗДРАВКОВСКА