Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за Општина Охрид Кирил Пецаков, прогласи победа на вториот круг од локалните избори. Докторот стоматолог кој е новиот градоначалник на Охрид, пред бројните симпатизери славејќи ја победата пред Изборниот штаб на ВМРО ДПМНЕ рече дека доаѓаат посветли денови за неговите сограѓани.
„Почнуваат нови прекрасни денови како за Охрид, така и за Македонија“, изјави Пецаков.
Пецаков во текот на изборната кампања најави реализација на повеќе капитални и инфраструктурни проекти, ефикасна локална администрација, ликвидни јавни претпријатија, многу работа и отчетност.
„Чесни, со крената глава и достоинствено, ја побаравме поддршката на охриѓани и ја добивме. Народот е свесен дека на Охрид и Македонија им се потребни промени. Ова е победа на сите што заслужуваат заедничка иднина. Охриѓани јасно докажаа дека се против криминал, корупција и апатија и сакаат промени и нова светла иднина“, кажа Пецаков по првиот круг од локалните избори кога имаше предност од 1.920 гласа пред досегашниот градоначалник, противкандидатот од СДСМ Константин Георгиевски.
Според некомплетните и неофицијални податоци на партијата, Пецаков во вториот круг ја дуплирал разликата. Од над 95% преброени гласови, Пецаков освоил 16.961, Георгиески 12.811, додека 528 ливчиња биле неважечки.
С. ВРЕНЦОВСКА