СТРАНСКИТЕ ТУРИСТИ СЛЕДНАТА СЕЗОНА ДОАЃААТ ВО ОХРИД ВО УШТЕ ПОГОЛЕМ БРОЈ, АГЕНЦИЈАТА ЗА ТУРИЗАМ НАЈАВУВА ДВОЈНО ПОВЕЌЕ ЧАРТЕР-ЛЕТОВИ

    СТРАНСКИТЕ ТУРИСТИ СЛЕДНАТА СЕЗОНА ДОАЃААТ ВО ОХРИД ВО УШТЕ ПОГОЛЕМ БРОЈ, АГЕНЦИЈАТА ЗА ТУРИЗАМ НАЈАВУВА ДВОЈНО ПОВЕЌЕ ЧАРТЕР-ЛЕТОВИОд 1.500 тестирани Холанѓани кои летоска ја посетија Македонија ниеден не бил позитивен на коронавирусот при враќањето дома (Фото: архивска фотографија)

    Далеку поголем број странски туристи се очевува да летуваат во Охрид следната сезона по најавите за воведување чартер-лет Охрид-Москва и за авиоповрзување со Измир, Истанбул и Анкара. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) оптимистички најавуваат двојно повеќе чартер-летови од холандските тур-оператори во текот на летниот период, како и летови од Полска и Велика Британија.

    Според директорот на АППТ, Љупчо Јаневски, идната туристичка сезона треба да биде многу подобра од изминативе две години.

    „Мислам дека идната година ќе има околу 2,5 милиони ноќевања во земјава. Оваа година очекуваме да се достигне стратешкото планирање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со отприлика 2,2-2,3 милиони ноќевања, некаде блиску до бројките од 2015“, вели Јаневски.

    Тој смета дека треба да се направи опсежна анализа во однос на финансиската поддршка за туристичкиот сектор.

    „Ако ги гледаме крајните бројки, тие и нема да изгледаат толку лошо. Сепак, во одредени делови на туризмот треба да се интервенира, пред сè, ако зборуваме за хотелските и другите сместувачки капацитети“, вели Јаневски.

    Изминатата сезона во услови на ковид-пандемијата, заклучно со август, се забележани 1,8 милиони ноќевања. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот велат дека земјава се покажала како безбедна дестинација. Туристичкиот сектор и Агенцијата преку медиумска кампања привлекуваа странски туристи да дојдат на охридско-струшката ривиера. Во рамките на кампањата „Безбедно како дома“ беа изработени пет промотивни видеа во соработка со Швајцарската амбасада.

    „Од 1.500 тестирани холандски туристи кои летоска ја посетија Македонија ниеден не бил позитивен на коронавирусот при враќањето дома“, велат од Агенцијата.

    Сепак, успешноста на следната туристичката сезона, според туристичките работници, ќе зависи од справувањето со пандемијата кај нас, во регионот, но и во земјите од Европската Унија.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира