ВОДАТА ВО ТЕТОВО И ОВАА ЕСЕН ИМА НЕПРИЈАТЕН МИРИС И ВКУС, ЗА ДА НЕ СЕ ПОВТОРУВА ПРОБЛЕМОТ ТРЕБА ДА СЕ СТАВАТ ДОПОЛНИТЕЛНИ ФИЛТРИ

    ВОДАТА ВО ТЕТОВО И ОВАА ЕСЕН ИМА НЕПРИЈАТЕН МИРИС И ВКУС, ЗА ДА НЕ СЕ ПОВТОРУВА ПРОБЛЕМОТ ТРЕБА ДА СЕ СТАВАТ ДОПОЛНИТЕЛНИ ФИЛТРИЦентарот за јавно здравје препорача водата да не се пие неколку дена (Фото: СДК.МК)

    Петта година по ред, водата за пиење во Тетово во ноември има непријатен вкус и мирис. Од Центарот за јавно здравје ја смируваат ситуацијата, велејќи дека водата е хемиски и биолошки исправна за пиење, но сепак препорачуваат да не се користи во наредните неколку дена додека не исчезне овој непријатен вкус.

    Од Центарот за јавно здравје велат дека непрекинато ја следат состојбата со водата и вршат редовни, а сега и дополнителни анализи.

    „Првичните анализи се добри, но годинава, промената на вкусот е најинтензивна. Препорака е, не и забрана, да не се употребува за пиење до добивањето на конечните резултати. Му препорачавме на Комуналното претпријатие и тоа го исклучи дотокот на вода во мрежата кој доаѓа преку новиот водоснабдителен систем кој зема вода од горниот тек на реката Пена. Ние со оваа појава се среќаваме веќе пет години, односно откако е направен новиот водоснабдителен систем кој зема вода од отворени, а не од затворени изворски дотоци на вода. Непријатниот вкус на водата настанува во есенските месеци, најчесто во октомври-ноември, а понекогаш дури и во декември, кога паднатата вегетација, како лисја, завршува во водата и тука се распаѓа“, појасни Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија.

    Со изградбата на каптажата и цевководот во реонот на село Лисец се изгради и современа филтер-станица, преку која водата што се зафаќа од Пена поминува низ повеќе филтер-системи, пред да се пушти во градскиот водовод. Но, за да се отстрани непријатниот мирис, од Центарот за јавно здравје постојано препорачуваат да се вградат и дополнителни филтри.

    „Вакви примери со непријатен вкус и мирис на водата веќе се опишани во светската теорија и пракса кога се користат површински води и се релативно честа појава. Како Центар за јавно здравје, секојдневно вршиме анализи на водата, а во вакви случаи правиме и дополнителни анализи и тие покажуваат дека бактериолошки и хемиско-физички, водата е исправна за пиење. Како и минатите години, и овојпат очекуваме оваа појава да исчезне за 3-4 дена“, надополнува Давидовски.

    Оваа појава првпат беше забележана во есента 2017, кога беше пуштена во употреба каптажата која зафаќа вода од горниот тек на Пена во месноста Лешница. Од овој зафат Тетово добива 100-200 литри вода во секунда и тоа во месеците кога се намалува издашноста на шарските извори.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира