„СЕКОГАШ НА ПОБЕДА“ Е ЗБИРКА НА ЛЕКЦИИ КАКО СЕ ДОАЃА ДО УСПЕХ – КИРЕ ЛАЗАРОВ ЈА ПРОМОВИРАШЕ АВТОБИОГРАФИЈАТА

    „СЕКОГАШ НА ПОБЕДА“ Е ЗБИРКА НА ЛЕКЦИИ КАКО СЕ ДОАЃА ДО УСПЕХ – КИРЕ ЛАЗАРОВ ЈА ПРОМОВИРАШЕ АВТОБИОГРАФИЈАТАКире Лазаров во книгата „Секогаш на победа“ дава пресек на повеќе од 25 години кариера (Фото: К. Попов)

    Подготвувајќи се за крај на својата величествена играчка кариера, што треба да се случи следното лето, Кире Лазаров се одважи да ги преточи сите свои подеми, падови, успеси, неуспеси и лекции за идните генерации во автобиографија, насловена според неговото животно мото „Секогаш на победа“. Напишана во соработка со српскиот новинар Жика Богдановиќ, Лазаров е првиот македонски спортист кој се решил да објави автобиографија, во која, како што кажа на промоцијата во „Александар палас“, открива и работи кои не им биле познати и на оние кои го познаваат цел живот.

    Лазаров со Индира и Зоран Кастратовиќ (Фото: К. Попов)

    „Сега можеби имам и малку поголема трема отколку кога сум на терен, зашто за првпат еден македонски спортист се охрабрил да напише автобиографија и го направив тоа искрено и со многу страст. Треба да имате многу храброст и сила да ги кажете работите на овој начин, меѓу нив има и некои досега некажани работи. Цела Македонија ја следи мојата кариера и сите знаат многу за мене, но во оваа книга ќе прочитате и некои работи што првпат ќе ги слушнат поголем дел од вас“, кажа Лазаров.

    Наклон од маестро за маестро. – Кире Лазаров и Симон Трпчески (Фото: К. Попов)

    Тој и Богдановиќ повеќе од седум месеци работеле на книгата, во која на повеќе од 230 страници е раскажан животниот пат на најдобриот македонски ракометар, од Свети Николе до француски Нант.

    „Во ниеден момент не се премислив и да го сменам она што е кажано и напишано. Не сменивме ниеден збор и тоа ми е особено мило, зашто значи дека сум бил сигурен во себе да го кажам тоа што сакав. 90-95% сè е кажано во оваа книга“, рече Лазаров.

    На промоцијата дојдоа бројни бивши и сегашни ракометари и ракометарки (Фото: К. Попов)

    Богдановиќ, најпознатиот ракометен новинар на Балканот, вели дека Србија има(ла) многу големи ракометари, но ниеден од нив не ужива статус каков што Кире има во Македонија.

    „Целта ни беше Кире да им даде одредени лекции на идните генерации, а своите современици да ги потсети низ што сè поминуваше македонскиот ракомет во изминатите децении. Мислам дека ова е една збирка на лекции, преку кои Кире на најдобар начин објасни како се доаѓа до успех. Тој имаше многу подеми и падови и мислам дека читателите ќе сфатат колку е сложен патот на еден успешен спортист“, рече Богдановиќ.

    Кире оствари бројни сништа во својата кариера, како играње за Барселона и освојување на Лигата на шампионите и постави неверојатни рекорди, но на крајот, сепак, не може да го истакне својот најголем успех.

    „Тоа прашање секогаш ми беше едно од најтешките и никогаш не сум можел да дадам конкретен одговор. Имам успеси и со репрезентацијата и со клубовите, но тие две работи не се исти и успесите се доживуваат различно“, заклучи Лазаров.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира