Четириесет илјади дози вакцини на сезонски грип се набавени годинава кои се очекува да стигнат набрзо, а пријавувањето за вакцинацијата почнува денеска преку веб-страницата вакцинација.мк, вели Министерството за здравство.
Вакцината е бесплатна за следните ризични групи:
– Стари лица (над 65 години)
– Лица со хронични заболувања
– Здравствени работници
– Бремени жени
– Децата на возраст од 6 месеци до 5 години
Од Министерството велат дека не е доцна граѓаните да се вакцинираат против грип во ноември или декември, бидејќи согласно епидемиолошките податоци, оваа болест во последните десетина сезони го достигнува пикот кон крајот на месец февруари.
„Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, по пат на смс ќе добиете информација за точниот датум и час кога треба да се вакцинирате на пунктот кој ќе го изберете при регистрацијата“, вели Министерството.
Оттаму потенцираат дека вакциницијата против грип не штити од ковид-19, но е многу значајна во услови на пандемија на коронаврусот и влијанието на здравствениот систем.
„Во состојба на олабавување на рестриктивните мерки, кога се враќаат социјалните контакти и патувањата, се зголемува ризикот од коциркулација на ковид-19 и грип. Со тоа може да очекуваме оптоварувањето од сезонскиот грип да биде надополнето со оптоварувањето од ковид-19. Ризичните групи за грип, се истите кои се под најголем ризик и од ковид-19, поради што се препорачува вакцинација против грип. На тој начин ќе се избегне и дополнително оптоварување на здравствениот систем, бидејќи лицата заболени од грип би се хоспитализирале во Ковид-центрите“, вели Министерството за здравство.
Б. НЕСТОРОСКА