Десетици милиони Американци кои работат во компании со повеќе од 100 вработени ќе треба да бидат целосно вакцинирани против ковид-19 до 4 јануари или ќе мора да се тестираат еднаш неделно, велат новите владини правила објавени денеска. Ова правило првпат беше најавено од претседателот Бајден во септември и ќе опфати 84 милиони вработени во средноголеми и големи бизниси.
Националната агенција за безбедност и здравје при работа ќе ги принуди компаниите да бараат од невакцинираните работници да приложат негативен тест за коронавирус најмалку еднаш неделно и да носат маска додека се на работното место. Постои можност ова правило да се прошири и на помалите бизниси.
Построгите правила ќе се применуваат и на 17 милиони Американци кои работат во старечки домови, болници и други здравствени установи финансирани од државата. Тие нема да ја имаат опцијата за редовно тестирање, туку сите ќе мора да бидат вакцинирани.
„Ова е едноставен избор помеѓу зголемено вакцинирање и продолжување на пандемијата. Иако не би сакал овие правила да станат неопходни, премногу луѓе и натаму не се вакцинирани“, изјави Бајден.