Блoкада на булеварот Партизански одреди во Скопје за денес најавија станари од зградите на потегот од Универзална сала до улицата Рузвелтова. Во 15 часот тие ќе ги паркираат колите на коловозот на булеварот за да покажат дека не се задоволни од одлуката на Градот да се укинат паркинг местата на овој потег.
„Како што веќе знаете и гледате, заради изведување на градежни работи од страна на Град Скопје без претходно да ни обезбедат паркинг простор, нема каде да ги паркираме нашите возила. Очекуваме сите да присутствувате на овој протест, без разлика на работните обврски“, стои во повикот за протест, залепен на влезовите на зградите во Центар.
Организаторите на протестот ги повикуваат и сите останати кои сакаат да им дадат поддршка.
Протестот денес ќе биде од 15 до 17 часот, а во истиот период протести се предвидени и во вторник и среда. За протестот доставено е известување до МВР, полициската станица „Беко“.