СТАРОТО ШКОЛО ВО ЉУБОЈНО КАДЕ СЕ ОДРЖА ПРВИОТ ЧАС ПО МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ГИ ДОБИ ДОЗВОЛИТЕ ЗА КОНЗЕРВАЦИЈА, ОД НОВИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА РЕСЕН ЗАВИСИ ДАЛИ ПАК ЌЕ БИДЕ ЗАБОРАВЕНО

    СТАРОТО ШКОЛО ВО ЉУБОЈНО КАДЕ СЕ ОДРЖА ПРВИОТ ЧАС ПО МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ГИ ДОБИ ДОЗВОЛИТЕ ЗА КОНЗЕРВАЦИЈА, ОД НОВИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА РЕСЕН ЗАВИСИ ДАЛИ ПАК ЌЕ БИДЕ ЗАБОРАВЕНОСтарото училиште во село Љубојно, е второ во државата по она во Подвис, Кичевско, каде во 1944 се одржала настава на македонски јазик, по ослободувањето. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Издадени се заштитно-конзерваторски услови за санација, конзервација и реставрација на старото училиште во село Љубојно, кое е второ во државата по она во Подвис, Кичевско, каде во 1944 се одржала настава на македонски јазик, по ослободувањето. Училиштето во Љубојно денес е полураспаднато, руинирано и обраснато со треви, но владата лани најави дека ќе биде обновено и ќе прерасне во Центар за промоција на македонскиот јазик.

    „Заврши процесот на издавање или обезбедување на заштитно-конзерваторските услови, врз основа на кои треба да се пристапи кон изработка на соодветен проект“, ни изјави директорката на Завод и музеј Битола, Мери Стојанова.

    Ексградоначалникот на Ресен Живко Гошаревски, пред одржувањето на локалните избори соопшти дека обезбедувањето на конзераваторски услови во суштина ги пропишуваат дозволените и неопходни активности за интервенции врз објектот. По ова се пристапува кон изготвување на неопходниот конзерваторски проект.

    „Зимскиот период ќе биде искористен токму за изготвување на наведената проектна документација, што пак ќе ни овозможи веќе во текот на следната година да се пристапи кон практични активности на непосредна санација, конзервација и реставрација на овој исклучително значаен објект, не само за Преспа, туку и за целата држава“, соопшти Гошаревски.

    Останува да се види во следниот период со какво темпо ќе се одвиваат активностите за санација на школото, дали овој проект ќе биде меѓу проиритетните на локалната власт сега предводена од Јован Тозиевски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, кој денеска стапи на функција. Но, проектот исто така зависи и од тоа дали ќе дојде до промена на власта на централно ниво, со оглед што проектот за санација на училиштето беше најавен од премиерот Заев по повод двете години од потпишувањето на Преспанскиот договор.

    Токму за шест дена се навршуваат 77 години од првиот час по македонски јазик во школото, за што сведочи и спомен плочата поставена на некогашниот влез на училиштето на која пишува дека тоа се случило на 15 ноември 1944. Според спомените на 85-годишниот Павле Кондовски, некогашен наставник по биологија и хемија во школото, како и директор, школото почнало да работи со неколкумина учители. Двајца биле од Љубојно, Методија Јовковски и Богоја Ничев, а им се приклучиле и Методија Поповски и Александар Хаџиевски од Ресен и Марика Манева од Битола. Тие ја формирале седмолетката по ослободувањето. Дури во учебната 1947/48 станало осмолетка. Приближно имало преку 400 ученици и во него учеле деца од цела Преспа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира