ЗАБОРАВЕНО ВО УРНАТИНИ Е ШКОЛОТО ВО ЉУБОЈНО ВО КОЕ СЕ ОДРЖАЛ ПРВИОТ ЧАС НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ПРЕСПА

    ЗАБОРАВЕНО ВО УРНАТИНИ Е ШКОЛОТО ВО ЉУБОЈНО ВО КОЕ СЕ ОДРЖАЛ ПРВИОТ ЧАС НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ПРЕСПАВо училиштето „Димитар Влахов“ во преспанското село Љубојно на 15 ноември 1945 година се одржал првиот час на македонски јазик. (Фото: Ѓ.Личовски)

    На 15 ноември 1945 година во училиштето „Димитар Влахов“ во преспанското село Љубојно се одржал првиот час на македонски јазик. Тоа е второто училиште во Македонија, по она во кичевското село Подвис, каде се држела настава на мајчин јазик. И ако секаде ваквите објекти каде е испишана историја на една земја, се културно наследство, кај нас овој објект не само што не е заштитен, туку е распаднат, разурнат, обраснат со треви и непознат за пошироката јавност.

    Училишната зграда не само што не е заштитена, туку е распадната, разурната, обрасната со треви и непозната за пошироката јавност. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Денеска од училишната зграда на „Димитар Влахов“ останати се само делови од влезот и надворешните ѕидови од некогашниот масивен објект со специфична архитектура. Училиштето е без таван, врати и прозорци, а наместо училници, внатрешноста е обрасната. Ги нема ниту дрвените скали кои од приземјето воделе кон училниците на првиот кат. Дека тука пред 76 години се одржал првиот час по мајчин јазик сведочи само спомен плочата која е поставена на некогашниот влез на училиштето. Благодарение на спомен плочата што во 2004 година ја поставија просветни работници во чест на 60 годишнината од наставата по македонски јазик, денес минувачите дознаваат дека ова школо е со значајна историја за македонскиот јазик и образование.

    Влезот на некогашнота училиште кои имало карактеристична архитектура. (Фото: Ѓ.Личовски)

    „Поминав цел работен век тука, бев ученик, наставник, па директор “ ја почнува приказната за училиштетото во Љубојно 84-годишниот Павле Кондовски. „Помнам многу работи, поминав цел работен век тука. Не можам да издвојам што ми било најдраго. Но, еве и ден денеска го слушам тропотот по дрвените скалила кога ќе заѕвонеше ѕвончето дека часот е завршен. Кога трчаа низ скалите 400 ученици, цела зграда се нишаше. Се сеќавам на железната ограда, големата врата и бунарот во дворот, што сега ги нема. Беше многу убав објект“, вели Павле Кондовски кој бил наставник по биологија и хемија.

    „И ден денеска го слушам тропотот по дрвените скалила кога ќе заѕвонеше ѕвончето дека часот е завршен. Кога трчаа низ скалите 400 ученици, цела зграда се нишаше.“, вели Павле Кондовски кој учел во училиштето, бил наставник па директор. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Зградата била изградена уште во 1907 година и се користела како училиште уште во тоа време. Како што раскажуваат жителите на Љубојно од ослободувањето до сега низ училиштето „Димитар Влахов“ поминале над 6.000 ученици.

    „На 15 ноември 1944 година почнува да работи со неколкумина учители. Двајца од Љубојно, Методија Јовковски и Богоја Ничев, многу интелигентен, бистар и учен човек, подоцна беше еден од раководителите на поштите во Македонија. Потоа  Методија Поповски и Александар Хаџиевски од Ресен и Марика Манева од Битола. Тие ја формираа седмолетката по ослободувањето. Дури во учебната 1947/48 стана осмолетка. Приближно имаше преку 400 ученици. Во него учеа деца од  цела Преспа не само од Љубојно“, вели Кондовски, кој 20 години поминал како директор и уште толку како наставник во основното училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно.

    Спомен плочата е поставена во 2004 година, на 60-годишнината од отворањето на првото училиште на мајчин јазик во Преспа, а второ во Македонија. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Десетина години подоцна овој предел го зафатил земјотрес при што училиштето било оштетено, ѕидовите испукани, па во селото се изградила нова улилишна зграда и од 1970-тите наставата се одржува таму. Причина за дополнителното оштетување на училиштето е пожарот кој избил во 1983 година. Дотогаш во него сѐ уште биле старите клупи, столчиња, табли. Но, во пожарот изгорело сѐ, а уништена била и градбата.

    „Сега не сакам ниту да поминувам покрај училиштето, избегнувам, бидејќи жална е сликата, не сакам да го паметав вака разурнато“, вели  Павле.

    Училишната зграда е целосно уништена во пожарот кој избил во 1983 година. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Од Општина Ресен велат дека кај нив постои желба да се зачува и реставрира она што остана од училишната зграда, но немоќни се да го сторат тоа оти надлежни се други институции.

    „Не сме моќни како општина да направиме реконструкција на таков голем објект. Треба преку Министерство за култура и Заводот и музеј во Битола да се направи проект, план и да се обезбедат пари. Ние како општина колку и да сакаме, а сакаме многу бидејќи објектот е од големо значење, не сме во можност да го реконструираме“, вели градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски.

    Од Завод и музеј –Битола не добивме одговор дали објектот е под заштита и дали има проект за реставрирање на она што е останато.

    Денес и селото Љубојно е речиси празно. Како што ни раскажаа машетаните кои не заминале, некогаш во селото имало околу 1.500 жители, а денес ни сто. Важело за село на интелектуалци, или како што во поранешна Југославија излегол напис во весник ‘село со 200 куќи и 300 академски граѓани’. Дало седумдесет истакнати македонски лекари, понатаму едни од првите хидролози во Југославија, па професори, психолози, судии, адвокати, спортисти, музичари. Населението тука било и поимашливо зашто како печалбарско село, имале роднини во странство, па можеле да си дозволат средства да се школуваат. И куќите имаат градски лик.

    Од Општина Ресен велат дека кај нив постои желба да се зачува и реставрира она што остана од училишната зграда, но немоќни се да го сторат тоа оти надлежни се други институции. (Фото: Ѓ.Личовски)

    „Тука учев до осмо одделение, а потоа средно фискултурно и факултет во Скопје. Порано беше срамота да си од Љубојно, а да не завршиш факултет. Сите заминуваа на факултет. Спортски сали немавме, но имавме спортисти. Имавме клуб во одбојка во републичка лига. ‘Вардар’ го победувавме тука“, раскажува Петре Мартиновски, кој сега е настваник по физичко во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира