Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев потврди дека останува на функциите за да помогне да се одржи парламентарното мнозинство со намера тоа и да се зголеми. Централниот и Извршниот одбор на СДСМ синоќа едногласно одлучија Заев да не поднесува оставка од функцијата додека не се реши состојбата во која се наоѓа државата во моментов, одложувајќи ја оставката на неодредено време. По завршувањето на состанокот, Заев синоќа во изјава за медиумите кажа дека на највисоките партиски тела не дискутирале ниту одлучувале за неговите оставки, туку темата била нивно одложување.
„Денеска имаме одлука на Централниот одбор за одложување на оставките. Ниту моите оставки се дискутираат, ниту се одлучува по нив. Кога ги најавив на 31-ви вечерта, потврдив дека останувам да се задржи мнозинство и ако може да се појача. Искрено очекувам дека парламентарното демократско мнозинство ќе се стабилизира, пред се тоа што е ориентирано за евроатланскиот пат, тоа што е ориентирано за мултиетничкото општество, тоа што е ориентирано за држење на добрососедските односи и тоа што е ориентирано кон позитивните реформи во државата и затоа се овие напори. Уште еднаш напоменувам вечерта на 31-ви кога ги објавив оставките од двете функции реков останувам периодот за да се посветам, да помогнам во одржувањето на парламентарното мнозинство, ако може тоа парламентарно мнозинство и да порасне. Деновите се пред нас секако тоа ќе го дознаеме сите“, рече Заев, кој на прашањето како е да се биде 10 дена без медиуми одговори „Слободата е убава работа“.
Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев по поразот на локалните избори на 31 октомври изјави дека поднесува оставка од двете функции.