МОЖЕБИ СМЕ НА ПОЧЕТОКОТ НА НОВ КОВИД БРАН, НОВИ МЕРКИ МОЖЕ ДА ИМА САМО АКО СЕ ЗГОЛЕМИ ПРИТИСОК ВРЗ БОЛНИЦИТЕ, КАЖА ФИЛИПЧЕ

    МОЖЕБИ СМЕ НА ПОЧЕТОКОТ НА НОВ КОВИД БРАН, НОВИ МЕРКИ МОЖЕ ДА ИМА САМО АКО СЕ ЗГОЛЕМИ ПРИТИСОК ВРЗ БОЛНИЦИТЕ, КАЖА ФИЛИПЧЕВо изминатите две недели повторно има зголемување на бројките, вели Филипче (Фото: СДК.МК)

    Македонија можеби се наоѓа на почетокот на нов бран на пандемијата на коронавирусот, но дополнителни мерки би можело да има само доколку болниците се најдат под голем притисок, изјави министерот за здравство Венко Филипче, најавувајќи дека Комисијата за заразни болести в петок ќе ја има следната седница.

    Откако епидемиолошката состојба подолг период беше стабилна, во изминатите две недели повторно има зголемување на бројките, што, сепак, е тренд во целиот регион.

    „Во изминатите две недели бројот на новозаразени е зголемен за 25%, факторот на преносливост порасна на 1,14, а во 35 градови инциденцата е зголемена за 28,5%. Во болниците моментално има 518 пациенти со ковид-19, со што хоспитализацијата бележи раст од 15%, но нема голем притисок и нагол пораст на бројот на пациенти. Најважно е што е намален процентот на хоспитализирани во однос на новодијагностицирани. До крајот на неделата ќе заврши секвенционирањето на вирусот, па ќе видиме која варијанта е доминантна во овој период“, кажа Филипче.

    Бидејќи светското искуство покажало дека строгите рестрикции не можат да го спречат ширењето на вирусот, вакцинирањето и општите превентивни мерки остануваат најсилното оружје.

    „Невакцинираните го прават притисокот врз болниците. 73-80% од хоспитализираните пациенти со ковид-19 не се вакцинирани. Сепак, засега не се размислува за воведување на задолжителното вакцинирање, а за евентуални мерки и препораки ќе видиме откако ќе ги слушнеме предлозите“, кажа Филипче.

    Филипче кажа дека досега 99 пациенти вакцинирани со трета доза се дијагностиицани како позитивни, а дијагнозата обично е четири до пет дена по примената трета доза. Има само еден смртен случај, но со друга тешка здравствена состојба. Тој рече дека е неважно која вакцина била примена во првите две дози, но како трета се препорачува на „Фајзер“.

    „Во врска со состојбата кај децата и во училиштата, на ниво на цела држава активни случаи на заразени деца со ковид-19 има 1.068 и тие се на возраст до 18. Во болницата во Козле хоспитализирани се 23 деца, а само две деца се на кислородна поддршка. Хоспитализирано е и едно двомесечно бебе, но нема дете во критична состојба. Нема значајно отстапување на бројот на прегледи. Скринингот е завршен во најголемиот дел од училиштата и само 15 ученици биле позитивни на вирусот”, соопшти Филипче.

    Тој додаде дека Македонија почнала разговори со американската компанија „Мерк“ за нејзиниот нов лек против ковид-19, изразувајќи интерес за предрезервација на одредена количина.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира