Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска синоќа не дојде на свеченоста за доделување на наградата на Град Скопје „13 Ноември“. Секоја година 13-Ноемвриските награди кои се доделуваат по повод Денот на ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор ги доделува градоначалникот на Скопје. Годинава новата градоначалничка Арсовска не им ги врачи наградите на добитниците туку тоа го сторија од жири комисијата, а не присуствуваше и на свеченоста во Филхармонија, која покрај со врачување на наградите се одбележа со балетска претстава посветена на ослободувањето на градот пред 77 години.
Градоначалничката Арсовска не одговараше на нашите телефонски повици, ниту на смс пораката во која побаравме одговор од неа зошто не присуствуваше на свеченоста по повод Денот за ослободувањето на Скопје и не ги врачи наградите на добитниците. Од нејзиниот ПР тим нè упатија да пратиме прашања на официјалниот мејл на Град Скопје, од каде што ни одговорија:
„Целосната организација, постапка и избор за доделување на наградите беше завршена, а воедно и наградите доделени и парафирани непосредно пред превземање на мандатот. Со оглед на тоа, најсоодветно беше наградите да бидат доделени од страна на Комисијата која ги избра добитниците“.
Арсовска вчера присуствуваше на положување цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел и на свеченсота пред споменикот на ослободителите кај зградата на Владата, а имаше и средба со борците во нејзиниот кабинет.
Овогодишни добитници на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, за 2021 година се: од областа на науката проф.д-р Денко Малески и д-р Емил Ниами автор на првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик и на првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик. Од областа на образованието и воспитанието проф. д-р Мишо Докмановиќ. редовен професор на Правниот факултет„Јустинијан Први“, од областа на публицистиката Слободан Петровиќ, новинар и публицист. Од областа на културата Ирена Колиштркоска Настева, археолог и Лилјана Пандева, писател, поет, прозаист. Од областа на уметностабалетскиот уметник Емилија Џипунова. Од областа на здравствената заштита наградени беа медицинскиот тим на доктори кои ја изведоа првата операција во земјава за имплантација на вегус нерв стимулатор кај пациенти со епилепсија резистентна на лекови. Тоа се доц. д-р Владимир Рендевски, доц. д-р Венко Филипче, проф. д-р Владимир Башчаревиќ, проф. д-р Емилија Цветковска, н.сор. д-р Бојан Бошковски, доц. д-р Иван Барбов, асс. д-р Благој Шунтов, д-р Радмила Панговска, д-р Јасна Бушиноска. Награден беше и тимот за имунизација од ковид-19 при Здравстевниот дом Скопје.
Во категоријата правни лица наградени се ЈНУ ИНСТИТУТ за македонска литература – Скопје, ООУ „Кирил и Методиј“ село Стајковци, Општина Гази Баба, Скопје. Раде Шербеџија е награден како лице од друга држава за голем придонес во културно-уметничкиот живот и афирмација на град Скопје преку филмот „Ослободување на Скопје“. Во категорија ученици и студенти наградена беше Сандра Недановска од ПСУ „Јахја Кемал“- Скопје.
Комисијата за доделување на наградата ја сочинуваат: претседател Вангелина Мојаноска и членови: Лорета Георгиевска-Јаковлева, Газанфер Бајрам, Севдаиљ Демири, Халил Зендели, Бранко Цветкоски, Виолета Томовска, Петре Арсовски, Роландо Кутиров, Љубиша Станковиќ и Даница Стојанова.
А. АНТЕВСКА