Австриската полиција од вчера спроведува рутински контроли меѓу граѓаните со цел да се осигура почитувањето на карантинот за невакцинираните против ковид-19, додека земјата се обидува да ја намали една од најбрзо растечките стапки на зараза во Европа. Оваа мерка погодува два милиона луѓе постари од 12 години кои сè уште не ги примиле двете дози од ковид вакцината, а оние 356.000 кои се вакцинирани со една доза можат да излезат надвор само ако покажат негативен ПЦР тест.
Казните за непочитување на правилата се движат меѓу 500 и 3.600 евра.
„Тоа може да се случи секаде и во секое време. Секој граѓанин може да очекува да биде проверен“, изјави канцеларот Александер Шаленберг.
Во наредните најмалку десет дена, невакцинираните ќе можат да излегуваат надвор само од суштински причини, како одење на работа или до продавница.
Карина, тренер по јога од Виена, не е вакцинирана против ковид-19 и сака да остане така. Не смее да оди во кафулиња и ресторани, но може да вежба во парк.
„Поминував покрај кафулиња и ми беше чудно што не смеам да влезам. Јас сум од луѓето кои станале непријатели. Се чувствувам исклучено и исфрлено. Не сакам никого да заразам, внимателна сум и редовно се тестирам, но вакцинирањето го сметам за лична одлука“, вели таа.
Околу 65% од австриското население е целосно вакцинирано, што е една од најниските стапки во западна Европа. Земјата моментално се соочува со највисоката стапка на зараза од почетокот на пандемијата и Шаленберг вели дека владата мораше да дејствува.
„Стапката на вакцинирање е срамно ниска и ќе нè држи во маѓепсан круг, од еден карантин во друг. Нашата цел е јасна: да ги натераме невакцинираните да се вакцинираат, а не да ги затвораме“, кажа Шаленберг.
Во деновите пред воведувањето на карантинот, 130.000 луѓе решиле да ја примат првата доза, што е најголемата неделна бројка од почетокот на јули.