АНТИКОРУПЦИСКА БАРА КРИВИЧНА ИСТРАГА ЗА ЕКСМИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРА ИСМАИЛИ ПОРАДИ ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА

    АНТИКОРУПЦИСКА БАРА КРИВИЧНА ИСТРАГА ЗА ЕКСМИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРА ИСМАИЛИ ПОРАДИ ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБАСтанува збор за проекти од Годишната програма за проекти од јавен интерес во културата која беше донесена во мандатот на претходниот министер за култура Хусни Исмаили. (Фото: Влада)

    Антикорпуциска комисија ќе поведе иницијатива до Јавното обвинителство за поведување постапка за кривично гонење против поранешен министер за култура, кој бил на функција од 27 јуни 2019 до 30 август 2020. Постапката, како што рече денес членот на Комисијата, Владимир Георгиев е поради сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.

    Станува збор за проекти од Годишната програма за проекти од јавен интерес во културата која беше донесена во мандатот на претходниот министер за култура Хусни Исмаили. Ирена Стефоска е министерка за култура од 31 август 2019.

    Министерството за култура го доставило предметот до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), по заклучок на седница на Влада одржана на 18 мај годинава. Министерството побарало да се изврши контрола на работењето во делот на законската основаност на договорите и анекс договорите склучени на 27 јуни 2020, имајќи предвид, како што рече Георгиев, биле склучени во постизборен период по одржани парламентарни избори во услови кога не е формирана новата Влада и во услови кога со ребаланс на буџетот на Министерството му биле намалени финансиски средства за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.

    „По разгледување на целокупната документација може да се констатира дека во текот на февруари 2020 година од страна на стручните комисии формирани во Министерството за култура, биле донесени решенија со кои се одобрени средства за финансирање на овие три програми во висина од околу 196 милиони денари или над 3 милиони и 100 илјади евра за 684 проекти. Имајќи предвид дека за 2020 за сите програми биле предвидени вкупно 159 милиони денари, но и обврските што Министерството ги имало преземено во 2019 година во износ од 23 милиони денари, произлегува дека оваа институција имала на располагање само 136 милиони денари за да ги финансира овие 3 програми“, рече Георгиев.

    Ова знали, вели тој, дека уште во февруари 2020 кога биле склучени овие 684 проекти биле преземени обврски во висина од над 60 милиони денари над буџетски обезбедените средства за 2020 година.

    „Но,  и покрај тоа знаејќи дека Министерството за култура за намената нема доволно средства, а треба да се има предвид дека и со ребалансот од 15 мај 2020 година поради рестрикциите заради ковид-19, буџетот на Министерството е дополнително намален одговорното лице дополнително потпишало 100 решенија, договори и анекс-договори на 24 јули 2020 година со што презело нови обврски во износ од 33 милиони денари“, ече Георгиев.

    Сите овие дополнителни договори склучени непосредно по завршување на изборите, како што нагласи, се однесуваат по жалби на апликанти кои или не добиле средства или добиле помалку па со нови договори или решенија добиле други средства.

    Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, рече дека сите овие сознанија упатуваат дека раководното лице во Министерството за култура си преземало обврски надвор од расположливите средства со Буџетот, што, како што нагласи е забрането и казниво.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира