Роже Федерер вели дека веројатно нема да заздрави од последната операција на коленото на време за да игра на Вимблдон следната година. Иако веќе 40-годишен, осумкратниот освојувач на Вимблдон додава дека воопшто не брза со враќањето на тениските терени.
„Не ми прави никаква разлика дали ќе се вратам во 2022 или 2023. На 40 или 41 година, тоа е исто. Вистината е дека би бил неверојатно изненаден ако играм на следниот Вимблдон“, вели Федерер.
Тој посакува да игра уште едно гренд слем финале.
„Верувам во тоа чудо. Чудата постојат во спортот. Мојот живот нема да се распадне ако тоа не се случи, но тоа е мојот ултимативен сон. Сакам за последен пат да видам за што сум способен како професионален тенисер“, кажа Федерер.
Неговиот рекорд од 20 освоени гренд слем титули се чинеше недостижен, но во меѓувреме беше израмнет од Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ. Тој нема играно од јули, кога беше поразен во четвртфиналето на Вимблдон, а неколку недели подоцна беше опериран по третпат за период од 18 месеци. Моментално е на 16. место на АТП-листата.